Новинските извештаи пренесуваат потресни стории од жители на земјата кои очајнички се обидуваат да ги пронајдат своите најблиски кои се водат како исчезнати
Смртниот биланс од двата последователни земјотреси што завчера ја погодија Венецуела се искачи на најмалку 920 загинати лица, додека 3 360 се повредени, соопшти претседателот на Националното собрание на земјата, Хорхе Родригез, пренесуваат светските медиумите.

Покрај бројот на жртви, кој постојано се зголемува, Родригез соопшти дека се оштетени 383 згради, меѓу кои и 13 болници и 25 трговски центри. Дополнително, вели тој, оштетувања претрпеле уште најмалку 1 000 други инфрастуктурни објекти, пренесе Би-би-си.
Претседателот на Националното собрание, изјави дека 243 лица биле спасени од урнатините во Ла Гваира, една најтешко погодените области во земјотресите.
Во меѓувреме, меѓународни спасувачки екипи се приклучуваат на венецуелските служби во потрагата по преживеани, а меѓу нив се и 80 швајцарски спасувачи и тим хуманитарни работници од Мексико.
Локалните екипи, како што пренесува британскиот национален радиодифузер, цела ноќ ја поминале во пребарување под урнатите згради во главниот град на земјата Каракас и сојузната држава Ла Гваира. Медиумите, претходно пренесоа дека една жена била извлечена жива од под урнатините.
Новинските извештаи пренесуваат потресни стории од жители на земјата кои очајнички се обидуваат да ги пронајдат своите најблиски кои се водат како исчезнати.
„Тука имаше мал трговски центар. Тука работеа моите две ќерки“,
вели Наташа Дијаз за Би-би-си, стоејќи до местото на уништена зграда во Ла Гваира.
Според нејзиното сведоштво нејзините исчезнати ќерки, на возраст од 22 и 23 години, биле со своите пријатели кога се случиле двата многу силни потреси во рок од помалку од една минута.
„Само сакам да бидат пронајдени. Имам вера и надеж дека се таму. Само сакам да ми се вратат. Тие се сè што имам, ве молам“,
вели Дијаз.
Лекар во Ла Гваира за медиумите изјавил дека двете главни болници во државата се целосно преоптоварени поради големиот број на повредени кои постојано се носат и дека има критичен недостаток на медицински материјали.

Земјотресите, со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени, се случија еден по друг во интервал од нецела една минута во средата вечерт. Вториот потрес, според извештаите е најсилниот што ја погодил Венецуела од 1900 година наваму.
Европската Унија денеска соопшти дека нејзиното извршно тело – Европската комисија распоредува спасувачки екипи и друга помош во јужноамериканската земја. Досега осум земји членки – Чешка, Шпанија, Италија, Франција, Луксембург, Германија, Португалија и Холандија – испратија помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
