Доказите што ги обезбедило обвинителството укажувале на тоа дена возилата што беа опожарени во понеделникот (15 јуни) ги користеле воениот аташе на Бугарија во Македонија и други вработени во Амбасадата
Оттаму додаваат дека поради природата на кривичното дело кое спаѓа во посебна група кривични дела, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор од 30 дена, наместо досегашната од осум дена по скратена постапка
Основното јавно обвинителство Скопје му ја предаде истрагата за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасадата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК.

Иако скопското обвинителство веќе отвори истрага против осомничениот за предизвикување општа опасност, во текот на истрагата дошле до сознанија кои упатуваат на можни елементи на кривичното дело загрозување лица под меѓународна заштита.
Појаснувајќи дека кривичниот прогон за ова дело е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, скопското обвинителството им го доставило предметот на надлежно постапување на своите колеги од ОЈО ГОКК.
„Постапувајќи по поднесената пријава во врска со опожарувањето на автомобили пред објектот на бугарската амбасада во Скопје, за кое беше поведена постапка против едно лице за кривично дело – предизвикување општа опасност, Основното јавно обвинителство Скопје дојде до сознанија што упатуваат на можни елементи на кривично дело – загрозување лица под меѓународна заштита од член 420 од Кривичниот законик. Имајќи предвид дека кривичниот прогон за ова дело е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Скопје го достави предметот на надлежно постапување“,
се наведува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција информираа дека веќе е донесена наредба за спроведување истражна поставка против осомниченото лице поради основано сомневање дека сторило кривично дело загрозување лица под меѓународна заштита, по членот 420 став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена казна затвор од најмалку една година.
Доказите што ги обезбедило обвинителството укажувале на тоа дена возилата што беа опожарени во понеделникот (15 јуни) ги користеле воениот аташе на Бугарија во Македонија и други вработени во Амбасадата.
„Според обезбедените докази, постои основано сомневање дека осомничениот на 15 јуни 2026 година со опожарување на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, кои ги користеле военото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија и други вработени во Амбасадата, создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека поради природата на кривичното дело кое спаѓа во посебна група кривични дела, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничениот да му биде одредена мерка притвор од 30 дена, наместо досегашната од осум дена по скратена постапка.
„Имајќи предвид дека станува збор за кривично дело што спаѓа во групата на кривични дела против човечноста и меѓународното право и кое својата основа ја наоѓа во Конвенцијата на Обединетите нации за превенција и казнување кривични дела насочени против меѓународно заштитени лица, вклучително и дипломатски претставници, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор во траење од 30 дена за лицето на кое до сега му беше определена притворска мерка од осум дена во скратена постапка“,
се наведува во соопштението.

Инаку, Основното јавно обвинителство Скопје истражната постапка против 44-годишниот скопјанец за делото предизвикување општа опасност ја отвори на 16 јуни, еден ден по настанот, а истиот ден судот му одреди притвор на осомничениот од осум дена.
Во описот на случајот од Обвинителството тогаш посочија дека осомничениот на 15 јуни околу пладне, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, пред објектот на бугарската амбасада, со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од големи размери.
На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центарот на Скопје. Од бензинската пумпа што се наоѓа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише, а потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Бугарија, ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка, по што веднаш го напуштил местото на настанот.
Осуда за палењето на возилата веднаш стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи. Инцидентот го осуди и Амбасадата на Франција во земјава, изразувајќи целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија.
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди инцидентот, посочувајќи дека сторителот е брзо идентификуван и приведен од страна на полицијата.
На новинарско прашање дали смета оти станува збор за изолиран случај, рече дека се воздржува од дополнителни коментари додека трае истрагата, додавајќи дека осомничениот веќе го признал делото и дека повеќе детали се очекуваат по завршувањето на распитот.
