Јавниот обвинител оцени дека постојат основи за определување мерка притвор, имајќи ги предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело

Осумдневен притвор, на барање на Основното јавно обвинителство Скопје, му е определен на 44-годишниот скопјанец И.Д.С., кој во понеделникот запали дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во земјава, потврдија од Кривичниот суд Скопје.
Денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека И.Д.С. во полициска станица го признал делото и оти е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување општа опасност, а Основното јавно обвинителство Скопје вчера поведе постапка против него.
Јавниот обвинител оцени дека постојат основи за определување мерка притвор, имајќи ги предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, како и фактот дека е извршено врз дипломатски возила во центарот на Скопје, во период од денот кога фреквенцијата на луѓе и возила е голема.
Од МВР додаваат дека во текот на истражните дејствија се обезбедени материјални докази, меѓу кои и снимки од камери за видеонадзор од повеќе локации, како и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од Обвинителството во описот на случајот рекоа дека на 15 јуни околу пладне, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, пред објектот на бугарската амбасада, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од големи размери.
На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центарот на Скопје. Од бензинската пумпа што се наоѓа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка, по што веднаш го напуштил местото на настанот.
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти, од бугарското Министерството за надворешни работи и од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова.
