Во описот на случајот се вели дека осомничениот на критичниот ден излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центарот на Скопје. Од бензинската пумпа што се наоѓа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка, по што веднаш го напуштил местото на настанот
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 44-годишен скопјанец, осомничен за кривичното дело предизвикување општа опасност поради палењето на две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје.

Во описот на случајот, од Обвинителството велат дека на 15 јуни околу пладне, на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, пред објектот на бугарската амбасада, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од големи размери.
„На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во центарот на Скопје. Од бензинската пумпа што се наоѓа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка, по што веднаш го напуштил местото на настанот“,
се вели во описот за случајот.
Јавниот обвинител оцени дека постојат основи за определување мерка притвор, имајќи ги предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, како и фактот дека е извршено врз дипломатски возила во центарот на Скопје, во период од денот кога фреквенцијата на луѓе и возила е голема.
Поради тоа, до надлежниот суд е поднесен предлог за определување притвор како мерка за обезбедување на осомничениот во текот на постапката.
Неколку часа по опожарувањето на двете дипломатски возила на амбасадата на Бугарија во Скопје, од Министерството за внатрешни работи вчера попладне соопштија дека е уапсен 44-годишен маж осомничен за инцидентот.
„Во краток временски период е идентификувано и пронајдено лицето за кое постои основано сомение дека го сторило делото. Станува збор за И.Д. (44) од Скопје. Тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица“,
соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Оттаму соопштија дека е пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го осуди инцидентот, посочувајќи дека сторителот е брзо идентификуван и приведен од страна на полицијата.
На новинарско прашање дали смета оти станува збор за изолиран случај, рече дека се воздржува од дополнителни коментари додека трае истрагата, додавајќи дека осомничениот веќе го признал делото и дека повеќе детали се очекуваат по завршувањето на распитот.
Осуда за палењето на возилата вчера стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи. Амбасадата на Франција во земјава денеска го осуди вчерашниот инцидент, изразувајќи целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија.
