ДУИ го повика Влен доколку навистина располага со какви било докази за незаконско дејствување или злоупотреби со експропријацијата на земјиштето, веднаш да ги достави до надлежните органи

Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира на денешните обвинувања од Влен во врска со автопатот Скопје – Блаце.
Од ДУИ ги отфрлија тврдењата за наводни бизнис-интереси со земјишта како клевета, нагласувајќи дека тоа е директен одраз на политичкиот менталитет на Изет Меџити.
Од опозициската партија обвинуваат дека Влен се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствениот неуспех и неспособност да го реализира овој стратегиски проект.
Во партиското соопштение на ДУИ се истакнува дека за Изет Меџити, кој две децении ја третирал власта како инструмент за градење мрежи на интереси, е тешко да разбере дека некој може да брани инфраструктурен проект исклучиво поради јавниот интерес и поврзувањето со Косово.
„Луѓето обично ги судат другите според себе. Затоа, кога ќе слушнат за стратешки проект, нивната мисла веднаш оди кон парцели, имоти, профит и приватни интереси. Наместо да одговори зошто речиси две години проектот беше одолговлекуван, зошто се разговараше за негово деградирање од автопат во магистрален пат и зошто беше доведен во прашање коридор од национално значење, Изет Меџити избира да измислува теории на заговор за земјишта и приватни интереси“,
се додава во соопштението од ДУИ.
Тоа, велат од ДУИ, е неговото лично политичко сфаќање – кога нема резултати се произведуваат обвинувања, кога нема аргументи се шират клевети.
Од партијата упатуваат прашања околу тоа зошто проектот се одолговлекувал и имало обид да се смени неговиот карактер, како и зошто како успех на Влен се претставува проект кој бил целосно проектиран, финансиски обезбеден и започнат многу пред тие да дојдат на власт.
ДУИ го повика Влен доколку навистина располага со какви било докази за незаконско дејствување или злоупотреби со експропријацијата на земјиштето, веднаш да ги достави до надлежните органи.
„Во спротивно јавните клевети остануваат само средство за одвлекување на вниманието од недостатокот на резултати и од неисполнетите ветувања. Граѓаните сами ќе проценат кој се бори за автопати, а кој зборува за парцели“,
додаваат од ДУИ.
Денеска од Влен, која е дел од владејачката коалиција, ги обвинија од ДУИ дека врескаат затоа што автопатот не поминува низ нивните земјишта и оти пискотниците и реакциите од нивна страна имаат само една заднина – пропаднатите бизнис-планови за милионски профити од експропријација на земјишта.
Оттаму сметаат дека автопатот Скопје – Блаце е најдобар доказ за разликата меѓу два политички пристапи – 24 години празни ветувања и 24 месеци ангажман што го водат проектот кон завршување.
