Во соопштението се наведува дека трасата се реализира според професионално решение кое е во корист на јавниот интерес, со што се спречени обидите за лично богатење на поединци

Автопатот не поминува низ нивните земјишта, затоа врескаат. Вака од партијата Влен, која е дел од владејачката коалиција, ја оценуваат реакцијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ), а која се однесува на тоа дека автопатот Скопје – Блаце две години не е изграден.
Од ДУИ велат дека фактите за овој автопат се јасни – трасата, проектот и процедурите за автопатот се поставени многу порано, а денес се реализираат врз темелите создадени во тој период.
Од Влен денеска преку соопштение ја обвинуваат ДУИ велејќи оти пискотниците и реакциите од нивна страна имаат само една заднина – пропаднатите бизнис-планови за милионски профити од експропријација на земјишта.
Од Влен тврдат дека со трасата по првпат добиваат граѓаните, а не партиските и индивидуалните интереси.
Во соопштението се наведува дека трасата се реализира според професионално решение кое е во корист на јавниот интерес, со што се спречени обидите за лично богатење на поединци.
„Трасата не поминува таму каде што со години се правеле пресметки и се купувале земјишта со надеж за милионски профити од експропријација. Обидот автопатот да служи за индивидуални интереси, а не за интерес на граѓаните, пропадна“,
велат од Влен.
Од партијата велат дека со овој стратегиски проект клучните придобивки ќе ги почувствуваат граѓаните, бизнис-секторот, домашната економија, како и стратегиското поврзување на Македонија со Косово.
„Влен не е во Владата за да штити приватни интереси, туку за да реализира проекти кои со децении се користеле само за политичка пропаганда. Автопатот Скопје-Блаце е еден од проектите што ја покажува разликата меѓу оние што зборуваа за развој и оние што го реализираат во пракса“,
додаваат од Влен.
Сметаат дека автопатот Скопје – Блаце е најдобар доказ за разликата меѓу два политички пристапи – 24 години празни ветувања и 24 месеци ангажман што го водат проектот кон завршување.
Вчера, потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, во интервју за „360 степени“ ги оцени како срамни тезите на актуелниот министер за транспорт Александар Николоски, кој осврнувајќи се на критиките од ДУИ дека проектот бил непотребно одложуван, изјави дека интегративците купувале ниви на места каде што мислеле дека ќе поминува трасата и дека експропријацијата ќе помине токму по тие ниви, а таа сега е делумно променета.
