Завршувањето на постапката за избор на изведувач, како што рече министерот за транспорт, е реализирано по средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), при што е потврдено дека е избран конзорциумот предводен од „Гранит“
Според Николоски, автопатот Скопје–Блаце е исклучително комплексен проект кој опфаќа пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти заедно со помалите инфраструктурни елементи
Конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје – Блаце во должина од 10,5 километри, а градежните активности се очекува да започнат летово, информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Николоски истакна дека завршувањето на постапката за избор на изведувач е реализирано по средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), при што е потврдено дека е избран конзорциумот предводен од „Гранит“.
„Почнуваме изградба на нов автопат. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје-Блаце. Би сакал да ја информирам јавноста дека на денешната средба со директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу бевме информирани дека е завршена постапката за избор на изведувач за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата ‘Гранит‘. После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.

Оцени дека изборот претставува силен сигнал за домашниот градежен сектор и за способноста на државата да реализира големи инфраструктурни проекти, по подолг период во кој вакви проекти ги изведувале претежно странски компании.
„После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект. Сметам дека е голем сигнал за целиот градежен сектор во Македонија и е голем сигнал за целата држава дека можеме да градиме големи инфраструктурни проекти“,
рече тој.
Комплексен проект со пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти
Според Николоски, автопатот Скопје–Блаце е исклучително комплексен проект кој опфаќа пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти заедно со помалите инфраструктурни елементи.
„Очекуваме проектот да биде завршен во рок од 3,5 години и да се воспостави целосно автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно кон Косово и Црна Гора“,
изјави тој.
Коридорот, додаде дека има значајна улога за регионалната поврзаност и економската соработка, посочувајќи дека со неговата реализација се отвора подобар пристап до пристаништето во Бар, што е важно за македонската економија.
Ирази благодарност до Европската банка за обнова и развој за поддршката во процесот, како и до Министерството за финансии за обезбедување на финансирањето, додавајќи дека проектот ќе започне со реализација на терен во најскоро време.
Од Министерството за транспорт информираат дека по изборот на изведувачот следуваат административни процедури и обезбедување банкарски гаранции, по што ќе започнат градежните активности на терен.
На средбата со ЕБОР е потврдена и понатамошната соработка и поддршка за идни инфраструктурни проекти од стратешко значење за државата.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека градежните работи би можеле да започнат на крајот на месецов или на почетокот на следниот месец, по завршување на жалбените постапки.
Автопатот Скопје–Блаце е со вкупна должина од 12,5 километри, при што првата фаза од 2,5 километри е во реализација од 2020 година.
