Министерот ја извести својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, при што најостро го осуди денешниот инцидент во кој се опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја извести својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Посочи дека Министерството дава целосна поддршка на институциите надлежни за истрагата, со цел таа да биде брза, ефикасна и транспарентна.
„Министерството дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел да се утврди одговорноста и сторителот соодветно да биде санкциониран“,
и кажа Муцунски на Петрова-Чамова.
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија рекоа дека палењето на возилата е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза.
Во реакцијата тие упатуваат критики до македонските институции поради, како што велат, недостатокот на соодветен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
Бугарските медиуми попладнево објавија видеоснимка на која се гледа палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје.
Од снимките може да се види како едно лице се приближува кон возилата што се паркирани на тротоарот пред Амбасадата. Додека се упатува кон нив, лицето од пластична кеса вади шише со непозната течност и ги полева возилата. Потоа се гледа како предниот дел од автомобилот „сузуки“ гори, а лицето што го предизвика запалувањето бега.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека двете опожарени дипломатски возила се сопственост на бугарската амбасада и дека случајот е пријавен денеска околу 12:13 часот.
Според соопштението од МВР, полициски службеници излегле на местото и констатирале дека делумно биле опожарени патничко возило „киа“ и патничко возило „сузики“, сопственост на амбасадата.
