Катица Јанева од понеделникот, од кога поднесе оставка и од кога почнаа и апсењата за случајот „Рекет“, не е појавена на работното место. Од СЈО за „360 Степени“ велат дека пред два дена Јанева отворила боледување. Ниту се сретнала со некој од нејзиниот тим, ниту пак ги побарала соработниците. Во истрагата за „Рекет“ која ја спроведува Обвинителството за организиран криминал засега на Јанева одземен и е само еден мобилен телефон. Другиот, на кој ист така е недостапна, пријавила дека и е изгубен.
Иако нема статус на осомничено лице, обвинителката Вилма Русковска во интервју за ТВ 24, рече дека би било несериозно „да не се одземе телефонот на јавниот обвинител“.
За случајот „Рекет“, засега единствени осомничени и притворени се Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. Тие се товарат за тргување со влијание. Рекетирале лице осомничено во случај на СЈО повикувајќи се на блискост и влијание врз „јавен обвинител“ – услуга за која од познатиот бизнисмен, човек со релации и со претходната и со актуелната власт, барале 8 милиони евра.
Премиерот Заев е прв кој го пријавил случајот во обвинителството, откако претходно неколку бизнисмени му се пожалиле дека се уценувани. Пријавата на крај била поднесена само устно бидејќи, иако премиерот сакал самиот да поднесе и писмена пријава, му било сугерирано дека најдобро е тоа да го сторат тие кои се пожалиле на рекет од Боки 13 и Зоки Кичеец.
- поврзана вест: Цело СЈО се огради од Катица Јанева