Денешниот изборен циклус е трет за помалку од година и половина по редовните во февруари и предвремените парламентарни избори во декември минатата година, а следува откако пратениците не успеаја да изберат нов шеф на државата во предвидениот рок
Граѓаните на Косово денеска гласаат на вонредни парламентарни избори. Денешниот изборен циклус е трет за помалку од година и половина по редовните во февруари и предвремените парламентарни избори во декември минатата година.

Избирачките места се отворија во 7 часот утринава и ќе се затворат во 19 часот.
На изборите учествуваат 21 политички субјект од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат. Право на глас имаат вкупно 2 092 174 избирачи. Од нив, 1 959 962 ќе можат да гласаат на избирачките места во Косово, додека 132 212 граѓани се регистрирани за гласање во странство.
Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово, на вчерашното гласање во 30 дипломатски мисии на Косово во европските земји и во САД и Канада, излезеноста беше 80,85 проценти.
Денешните предвремени парламентарни избори во Косово следуваат откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата во предвидениот рок. Законодавниот дом на Косово имаше рок до 28 април да избере нов шеф на државата бидејќи мандатот на претседателката Вјоса Османи истече на почетокот на април. Бидејќи тоа не се случи, парламентот се распушти.
Во пресрет на изборите, Канцеларијата на ЕУ во Косово ги повика сите политички субјекти и нивните претставници во изборните тела да обезбедат мирен, слободен, фер и инклузивен гласачки процес.
