„Гласањето мора да биде мирно, слободно, фер и инклузивно“, порачаа од Канцеларијата на ЕУ, нагласувајќи дека институционалната консолидација е од суштинско значење
Канцеларијата на Европската Унија (ЕУ) во Косово денеска ги повика сите политички субјекти и нивните претставници во изборните тела да обезбедат мирен, слободен, фер и инклузивен гласачки процес на утрешните предвремени парламентарни избори во земјата.

„Гласањето мора да биде мирно, слободно, фер и инклузивно“,
велат оттаму, нагласувајќи дека институционалната консолидација е од суштинско значење.
Претходно денеска, косовската полиција и Канцеларијата на главниот обвинител на Косово ја нагласија својата посветеност на заштита на уставниот поредок, законитоста и интегритетот на изборниот процес. Оттаму дополнително посочија дека во последните недели институциите добиле наводи за надворешно мешање и нелегални активности насочени врз слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес.
„Како резултат на истражните и оперативни дејствија, на 19 мај седум лица беа уапсени под сомнение за кривични дела поврзани со кршење на слободниот избор на гласачите и вршење политички притисок во општина Грачаница. На 4 јуни во истата општина, уште едно лице беше уапсено под сомнение за примање и давање поткуп во врска со гласањето“,
се вели во соопштението на косовската полиција, додавајќи дека надворешното мешање во изборите претставува сериозна закана за демократијата, независноста и слободната волја на граѓаните.
Утрешните избори во Косово ќе бидат трети во рок од 18 месеци, по оние во февруари и декември 2025 година, а следуваат откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата во предвидениот рок. Законодавниот дом на Косово имаше рок до 28 април да избере нов шеф на државата бидејќи мандатот на претседателката Вјоса Османи истече на почетокот на април. Бидејќи тоа не се случи, парламентот се распушти.
