И на вчерашната седница на парламентот на Косово, како и на таа во понеделникот, беа отсутни пратениците од опозициските партии. За избор на еден од кандидатите за претседател на државата, кои ги номинира владејачкото Движење Самоопределување, требаше да гласаат 80 пратеници во првиот круг, кои власта без опозицијата ги нема
Четири месеци по последните парламентарни избори, во Косово ќе се одржат нови вонредни избори, бидејќи парламентот во два обида не успеа да избере нов претседател на државата. Гласањето за избор на нов шеф на државата не успеа бидејќи не беше обезбеден потребниот кворум во косовскиот парламент.

И на вчерашната седница, како и на таа во понеделникот, беа отсутни пратениците од опозициските партии. За избор на еден од кандидатите за претседател на државата, кои ги номинира владејачкото Движење Самоопределување, требаше да гласаат 80 пратеници во првиот круг, кои власта без опозицијата ги нема.
Уставниот суд во Приштина им даде рок на новата влада и парламентот, предводени од Движењето Самоопределување, до полноќ на 28 април да изберат нов шеф на државата. Бидејќи тоа не се случи, парламентот се распушта, а земјата оди на нови вонредни парламентарни избори.
„Согласно одлуката на Уставниот суд, парламентот е распуштен, а изборите ќе се одржат во предвидениот рок“,
изјави на полноќ претседателката на косовскиот парламент, Албулена Хаџиу.
По седницата, главната опозициска партија во Косово, Демократската партија, објави дека истекот на уставниот рок за избор на претседател го заштитил уставниот поредок со што се избегнало сериозно кршење на Уставот. Партијата смета дека главната одговорност за политичката криза е кај актуелната влада, која ја обвини за создавање последователни политички кризи, лошо управување и економски проблеми.
Со тоа што Движењето Самоопределување на Албин Курти не успеа да ја убеди опозицијата да гласа за нов претседател, само се продлабочува политичката и институционална криза во Косово која трае од изборите во февруари минатата година, кога партијата на Курти не успеа да обезбеди доволно пратеници во парламентот за самостојно да формира влада. Формирањето на новиот парламент траеше со месеци, сè додека доскорешната претседателка Вјоса Османи не распиша нови избори кон крајот на 2025 година.
Иако партијата на Курти освои убедлива победа на последните избори и успеа да формира влада во февруари годинава, по истекот на петгодишниот мандат на претседателката Вјоса Османи, владејачкото Движење Самоопределување не доби поддршка од опозицијата за избор на нов шеф на државата.
