Говорејќи на годишниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, Путин оцени дека писмото не претставува искрена иницијатива за дијалог, туку документ со, како што рече, прилично груби забелешки
На крајот, тој се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп изразувајќи благодарност за неговиот ангажман, но нагласувајќи дека сè уште има работа што треба да се заврши во однос на актуелните меѓународни прашања
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во моментов не гледа причина за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, реагирајќи на неговото отворено писмо во кое се предлагаат директни разговори за завршување на војната во Украина.

Во писмото, кое беше испратено и до повеќе меѓународни адреси, меѓу кои и САД, Зеленски наведува дека дел од руското население е заморено од војната, поради украинските напади со ракети и беспилотни летала, високата инфлација и недостигот на гориво, оценувајќи дека постои расположение за мир. Исто така, сугерира дека продолжувањето на конфликтот може да има политички последици и за самиот Путин.
Говорејќи на годишниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, Путин оцени дека писмото не претставува искрена иницијатива за дијалог, туку документ со, како што рече, прилично груби забелешки.
„Претходното искуство покажува дека ваквите средби служат за купување време. Ни требаат договори, а не средби“,
рече Путин.
Сомнителни намери зад писмото
Писмото од Зеленски, рече, го прочитал дури откако на тоа му укажал портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, документот содржи елементи на грубост и остава отворено прашање за неговата вистинска намера.
„Ова писмо содржи некои прилично груби забелешки. Дали тоа е начин да се создадат услови за средба или да се спречи средба? Мислам дека е второто“,
рече рускиот претседател.
На прашањето дали би се сретнал со Зеленски, кого не го именуваше директно, туку го нарече авторот на писмото, Путин е дециден дека во оваа фаза не гледа смисла за таков чекор.
„Не гледам поента во средбата; единствената поента е украинската страна да го запре напредувањето на нашите вооружени сили. Ни требаат договори — не за три или шест месеци, туку долгорочно. Нека експертите најдат решенија, а потоа можеме да се сретнеме“,
вели тој.
Според него, Русија инсистира на прво постигнување конкретни договори преку стручни тимови, пред евентуален политички состанок на највисоко ниво.
Избори во Украина
Осврнувајќи се на делови од писмото кои се однесуваат на неговата возраст, Путин ги отфрли како неважни.
„Има луѓе постари од мене кои сè уште ги извршуваат своите должности. Најважни се ефикасноста и здравјето“,
вели тој.
Повтори и дека, според ставот на Москва, во Украина треба да се одржат избори, истакнувајќи дека мандатот на Зеленски формално истекол во 2024 година, додека изборите се одложени поради воена состојба.
„Се согласувам дека изборите треба да се одржат. Узурпацијата на власта е злосторство“,
додаде Путин.
Порака до Трамп
Рускиот претседател ја доведе во прашање и позицијата на Киев во однос на прифаќањето можни меѓународни гаранции како дел од идно мировно решение.
„Не разбирам зошто не ги сакаат САД како гарант. Тие сакаат американско оружје, но не ги сакаат САД како гарант“,
вели Путин.
На крајот, тој се осврна и на американскиот претседател Доналд Трамп изразувајќи благодарност за неговиот ангажман, но нагласувајќи дека сè уште има работа што треба да се заврши во однос на актуелните меѓународни прашања.
„Благодарен сум му на Доналд, но сè уште има работа што треба да се направи“,
вели Путин.
Во текот на неделава, Русија изврши нов бран напади со стотици беспилотни летала и десетици ракети врз украински градови, меѓу кои и Киев, при што загинаа повеќе десетици лица
Украина истовремено ги интензивира нападите врз руската енергетска инфраструктура, вклучително и рафинерии за нафта.
