Тој го кани Путин на состанок во неутрална земја, споменувајќи ги Швајцарија, Турција и земји од арапскиот свет, за да разговараат за условите на мировниот договор. Тој посочува дека е подготвен да прифати целосен прекин на огнот за време на преговорите и да го започне мировниот процес со размена на воени заробеници, по принципот „сите за сите“
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, преку отворено писмо повика на тет-а-тет средба меѓу него и рускиот претседатрел, Владимир Путин за ставање крај на војната која трае повеќе од четири години, пренесоа светските медиуми.

Британски „Гардијан“ подвлекува дека станува збор за прво отворен писмо што Зеленски го упатува директно до Путин, откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Во писмото, кое е и критика на 26-те години владеење на рускиот претседател, Зеленски осврнувајќи се на приоритетите на Соединетите Американски Држави (САД) кои се менуваат, вели дека би било погрешно само да се чека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да го врати своето внимание кон ставање крај на војната во Украина, додека останува силно фокусиран на војната со Иран.
„Предлагам средба“,
пишува Зеленски.
Инаку, писмото доаѓа еден ден откако Украина започна голем напад врз областа на Санкт Петербург, погодувајќи голем нафтен терминал и други воени цели токму кога Путин беше домаќин на голем руски економски форум во градот.
Во писмото, Зеленски ги презентира своите аргументи зошто верува дека Путин треба да ја заврши војната и предлага продолжување на преговорите.
„Поминавте речиси половина од вашите 26 години на власт во Русија во војна против Украина“,
наведува Зеленски.
Тој додава дека војната против Украина е личен избор на Путин.
„Што и да кажете за НАТО, геополитиката и рускиот јазик, оваа војна е ваш личен избор – војна без вистинска причина. Така ќе ја памети историјата“,
вели украинскиот претседател.
Зеленски потсетува на неуспехот на руската инвазија во 2022 година за освојување на Киев и уништување на украинскиот отпор, како и на последиците од меѓународните санкции врз руската економија, тешките загуби на руските сили и растечкото незадоволство кај руските граѓани.
„Не ги сакаат нашите беспилотни летала и ракети. Не им се доаѓа недостигот на гориво и постојаното зголемување на цените. Не им се допаѓаат трајните забрани. Не им се доаѓа вашата намера да организирате нов бран мобилизација за да ја проширите војната во друга насока во Украина или да ја насочите против соседните земји. Не им се допаѓа фактот што нема крај на вашата војна“,
напиша Зеленски.
Тој го кани Путин на состанок во неутрална земја, споменувајќи ги Швајцарија, Турција и земји од арапскиот свет, за да разговараат за условите на мировниот договор. Тој посочува дека е подготвен да прифати целосен прекин на огнот за време на преговорите и да го започне мировниот процес со размена на воени заробеници, по принципот „сите за сите“.

„Украина нуди да ја заврши оваа војна. Мора да го направиме тоа праведно, со достоинство и со гаранции дека нема да има ново избувнување на конфликт. Предлагам состанок со вас. Сите ги слушнаа вашите претставници како насмеано велат дека наводно би можел да дојдам во Москва. Но, по овие 26 години, украинскиот лидер нема работа во вашиот главен град, исто како што рускиот лидер нема работа во Киев. Постојат земји кои традиционално биле домаќини на лидери за решавање на прашања од војна и мир. Швајцарија, Турција, земјите од арапскиот свет – многумина се способни и подготвени да бидат домаќини на таков состанок“,
вели Зеленски.
Тој го повикува Путин да одреди јасен датум за состанокот и нагласува дека САД и Европа исто така треба да учествуваат во разговорите. Во исто време, тој го повика Кремљ да се откаже од одложувањето, таканаречената „шатл дипломатија“ и максималистичките барања.
„Бојното поле денес е линијата од која треба да започне дипломатијата…Мора да утврдиме каква ќе биде иднината за наредните генерации Украинци и Руси. Ако не заклучите дека е време да заврши оваа војна, Украина ќе продолжи да се бори за својот опстанок. Ќе ги имаме оние што ќе не поддржат. Но, ќе мора да се борите многу посилно за вашиот опстанок – не рускиот, туку вашиот“,
наведува украинскиот претседател во писмото, пренесуваат светските медиуми.
По објавувањето на писмото, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха соопшти дека тоа ќе биде доставено до Кремљ преку официјални дипломатски канали.
