„Навистина очекуваме разбирање, а не поттикнување на употребата на ветото во врска со кластерите и поглавјата, како што рече и претседателот, меритократски, според заслугите – тоа е суштината на ЕУ. Ќе влеземе тогаш кога ќе личиме на оние што веќе се членки на Европа“, порача претседателката за време на заедничката прес-конференција со својот словачки колега Петер Пелегрини во Братислава
Бараме да бидеме третирани како сите останати и вреднувани според Копенхашките критериуми – да добиеме можност да се фокусираме на реформите, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми – изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на заедничката прес-конференција со својот словачки колега Петер Пелегрини.

За неа, како што нагласи, интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не е само политичко, туку безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок.
„Се согласувам дека Западен Балкан не смее да биде прескокнат, бидејќи не е доволно да бидете охрабрувани со децении. Процесот на интеграција во ЕУ е исполнување на Копенхашките критериуми и европеризација во сите сфери во општеството. Без оглед дали се работи за мали или големи држави, Западниот Балкан, како и целиот Балкан, отсекогаш историски, културно и логично припаѓал на Европа и треба да го најде своето место внатре“,
порача Сиљановска-Давкова, додавајќи дека суштината на Копенхашките критериуми е европеизација во сите области.
Со интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, додаде претседателката, ќе се стави крај на феноменот на фрагментација, т.н. „балканизација“, како и на вештачката поделба Исток–Запад.
Сиљановска-Давкова го поздрави ставот на Словачка дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Особено, додаде претседателката, земјава го цени ангажираниот став на Словачка и неколку други земји кои бараат рационално решение за интегрирањето на Западен Балкан.
„Навистина очекуваме разбирање, а не поттикнување на употребата на ветото во врска со кластерите и поглавјата, како што рече и претседателот, меритократски, според заслугите – тоа е суштината на ЕУ. Ќе влеземе тогаш кога ќе личиме на оние што веќе се членки на Европа. Често велам дека сум уморна од тоа да живеам во ‘егзотична’ држава – сакам да живеам во досадна европска држава. Досадната европска држава е заснована на принципи и вредности. Тоа е она по што треба да бидеме оценувани“,
додаде шефицата на државата.
За време на заедничката прес-конференција во Братислава, претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, порача дека проширувањето мора да биде фер, предвидлив и процес заснован на истите правила кои важат за сите кандидати. Додаде дека ниедна земја не треба по скратен пат да влезе во Европската Унија, бидејќи би било нефер кон земјите од Западен Балкан кои долги години се заглавени во евроинтеграцискиот процес.
