Неделава еден од копретседателите на Влен, Изет Меџити, изјави дека владината реконструкција во текот на јуни е начелно договорена, но конкретните детали и распределбата на ресорите сè уште не биле предмет на разговор со премиерот Христијан Мицкоски

Централното собрание на Влен денеска ја одржа првата седница по формирањето на партијата, а една од темите била и најавената реконструкција на Владата, соопштија од партијата.
Оттаму велат дека се разговарало и за актуелните политички случувања, приоритетите за наредниот период, како и за натамошното јакнење на партиската организација.
„Една од темите на дискусија беше и реконструкцијата на владата. Во таа насока беше отворена дебата за перформансите на носителите на јавни функции, со цел евентуалните промени да придонесат за поголема ефикасност, одговорност и побрза реализација на обврските преземени пред граѓаните. Централното собрание направи и анализа на досегашната работа на Влен. Се разговараше за постигнатите резултати, предизвиците со кои се соочува партијата и приоритетите за периодот што следува, со акцент на координацијата на структурите, активностите на терен и континуираната комуникација со јавноста“,
велат од партијата.
Инаку, на 9. мај петте политички партии на досегашната коалиција ВЛЕН се обединија во еден политички субјект. Копретседатели се Изет Меџити и Билал Касами, а генерален секретар е Беким Сали.
Меџити во јавни настапи најавуваше дека по обединувањето на ВЛЕН ќе следи владина реконструкција.
Неделава тој кажа дека реконструкцијата на владата во текот на јуни е начелно договорена, но конкретните детали и распределбата на ресорите сè уште не биле предмет на разговор со премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на реконструкцијата на владата, премиерот Христијан Мицкоски во март годинава најави дека во мај или во јуни ќе започнат разговорите за нов владин кабинет и евентуални промени на кадар.
