Фјучерсите на суровата нафта „брент“ се зголемија за 3,51 долари, односно 3,72 отсто, достигнувајќи 97,8 долари за барел
Глобалните цени на дериватите драстично се менуваа од почетокот на конфликтот, при што суровата нафта „брент“ накратко скокна на околу 120 долари за барел. Пред војната се тргуваше по цена од близу 70 долари
Цените на нафтата скокнаа за повеќе од три отсто откако Сoединетите Американски Држави (САД) извршија нови напади врз Иран, насочени кон воена локација во Бандар Абас, стратешки пристаништен град, а Иранската револуционерна гарда возврати со напад врз американска воздухопловна база, пренесува Ројтерс.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ се зголемија за 3,51 долари, односно 3,72 отсто, достигнувајќи 97,8 долари за барел.
Фјучерсите на американската нафта „Западен Тексас Интермедијар“ (ВТИ) се зголемија за 3,31 долари, или 3,73 отсто, достигнувајќи цена од 91,99 долари за барел.
Претходно, двата референтни индекси забележаа пад од повеќе од пет отсто и го достигнаа најниското ниво во последниот месец, поради надежите дека САД и Иран би можеле да постигнат договор за прекин на конфликтот и повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Дополнителен притисок врз пазарот создадоа и податоците од САД, според кои залихите на сурова нафта минатата недела се намалиле за 2,8 милиони барели.
„Снабдувањето со нафта останува ограничено, а клучните проблеми сè уште не се решени“,
изјавија аналитичарите.
Глобалните цени на дериватите драстично се менуваа од почетокот на конфликтот, при што суровата нафта „брент“ накратко скокна на околу 120 долари за барел. Пред војната се тргуваше по цена од близу 70 долари.
Оваа недела цената на нафтата нагло падна со надеж дека наскоро ќе се постигне договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец.
Во изминатите три ден САД по втор пат напаѓаат цели во Иран, за кои од Вашингтон посочуваат дека се спроведени во самоодбрана.
Во рамките на операцијата, САД соборија четири ирански нападни беспилотни летала, а американските сили погодија и иранска копнена контролна станица во Бандар Абас, од каде што, според Вашингтон, требаше да биде лансиран и петти дрон.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека нападнала американска воздухопловна база по, како што наведоа, американскиот напад извршен во раните утрински часови во близина на аеродромот во Бандар Абас.
Од Иран предупредија дека секое повторување на агресијата ќе предизвика порешителен одговор.
Пред два дена цената на суровата нафта од типот „брент“ порасна за повеќе од два отсто по нападите што американските сили ги извршија врз цели во јужен Иран, што фрли нова сенка на неизвесност околу можноста за постигнување договор за крај на војната и отворање на Ормускиот Теснец.
