„360 степени“ имаше увид во исказите кои пред ОЈО за гонење на организиран криминал ги дале двете лица вработени во ЕСМ, а чие сведочење е дел од главните аргументи на надлежната јавна обвинителка да ја затвори истрагата за случајот „Мазут“. На прашање на адвокати, во различен контекст, и двете лица одговараат дека ЕСМ не претрпела штета
Од Електрани на Северна Македонија за „360 степени“ велат дека сведоците, инаку помошник-директор за производство и советник за комерцијални работи, биле пратени како лица со капацитет да објаснат технички аспекти од процесот. Немале правни и менаџерски ингеренции да говорат за штетата, поради што сметаат дека погрешно е утврдена фактичката состојба
Датумот е 4 март 2026 година. Во просторија на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал се наоѓаат повеќе луѓе – адвокати, двајца осомничени, записничар, јавна обвинителка. Во 13 часот и 13 минути почнуваат со испитување на првиот од двајцата сведоци испратени од државните Електрани на Северна Македонија, во врска со случајот „Мазут“.
Сведок број 1
Според документите во кои „360 степени“ имаше детален увид, сведокот, инаку електроинженер, на почетокот на својот исказ објаснува како воопшто се појавила потребата за набавка на мазут. Енергетската криза од втората половина на 2021 година води до идејата да се вклучи ладната резерва ТЕЦ Неготино, која работи на мазут.

„Сакам да појаснам дека на почетокот не беше извесно дали електраната ќе може функционално да работи, бидејќи не беше пуштена во работа од 2009 година, па откако се утврди дека ќе може да работи, се донесе план за зголемено производство…“
изјавува првиот сведок.
За ТЕЦ Неготино да работи со полн капацитет, дополнил сведокот, потребни се 1 000 до 1 200 тони мазут дневно. Но, на прашањето на јавната обвинителка, врз основа на кои параметри е распишан јавниот повик за набавка на мазут, вклучувајќи ја и динамиката на испорака, тој вели:
„Мене не ми е познато, овој одговор би можел да го даде некој друг. Овие податоци не ми се познати за ниту еден од јавните повици.“
Тој не се произнесува и на прашањето – дали е прифатливо за ЕСМ да се менува динамиката на испорака предложена во модел-договорот на јавната набавка, а според понудата на економските субјекти.

Но, прашан дали мазутот бил секогаш навремено доставуван во ТЕЦ Неготино откако бил потпишан договорот, тој одговара:
„Се беше навремено доставено. Капа им симнувам на фирмава којашто ја вршеше доставата на мазутот заради што благодарение на работата на ТЕЦ Неготино немаше ни еден ден рестрикција на електрична енергија за домаќинствата.“
Малку подолу, во истиот документ пишува:
„На прашање на бранител дали ЕСМ од овие договори има претрпено каква и да било штета, одговори: Нема.“
Испрашувањето на првиот сведок завршило за помалку од еден час. Во 14 часот и 15 минути почнува испрашувањето на вториот, инаку машински инженер.
Сведок број 2
На почетокот на сведочењето, тој покажува познавање на процесите за јавни набавки и објаснува дека набавката е направена согласно законите, со одлука на органите на управување на компанијата, со менување на годишниот план за јавни набавки и обезбедени средства. Потоа, додава, бидејќи времето било кратко, за првата јавна набавка наместо преку јавен повик, директно биле поканети сите компании кои имале дозвола за увоз да дадат своја понуда.

„Комисијата за Јавната набавка за конкретната постапка доставува тендерска документација до посочените 6 компании да достават понуда. Организирано е јавно отворање, доставена е една понуда, а инаку во сите случаи е применувано јавно отворање на кое можат да присуствуваат сите заинтересирани страни, понудувачи, новинари“,
изјавува вториот сведок.
И од сведочењето на сведокот број два може да се препознае дека имало еден модел на договор во јавната набавка, кој потоа бил променет по барањата на понудувачот.
За овој дел, сведокот вели:
„Исто така, во поглед на моментот на изменета динамика во понудата доставена од страна на РКМ во јавниот повик е даден на динамика на испорака различна на модел на договорот, којшто е прифатена од УО па во поглед на ова прашање од кои причини тоа било прифатено и дали таквото прифаќање било соодветно и дозволиво на дадената ситуација, исто така дополнително ќе се произнесам.“
Но, при крајот на сведочењето, на прашањето на еден од адвокатите – дали со овие три постапки ЕСМ имало претрпено некаква штета, тој одговара:
„Нема. По тоа што го гледав во делот на Јавната набавка, нема штети.“
Испитувањето завршило во 16:00 часот.
Збор против збор
Презентиравме фрагменти од сведочењата затоа што тие станаа клучна точка на конфликт по прекинот на истрагата за случајот „Мазут“. Обвинителството ја правдаше својата одлука со тоа што сведоците кои им ги пратила државната компанија кажале дека ЕСМ не претрпела штета од тендерот. ЕСМ, пак, меѓу другото, тврдеше дека нивните претставници не биле ниту овластени, ниту компетентни, а најмалку одговорни да даваат коментари за евентуална финансиска штета.
Според профилите на сведоците, очигледно е дека никој од нив не е економист или правник. Од нивните искази, пак, несомнено е дека едниот избегнува да даде став во делот на јавната набавка. Ова се елементи кои одат во прилог на јавните тврдење на ЕСМ.
Но, факт е дека вториот сведок зборува во детали за јавната набавка и јасно кажува дека не гледа штета токму во делот на јавната набавка. Факт е дека и првиот сведок дава дециден исказ – дека ЕСМ нема претрпено штета. Ова се елементи кои ја потврдуваат тезата на обвинителството – дека самиот оштетен орган кажал дека не е оштетен.
Кој и што ќе решава
Кривичната пријава за „Мазут“ ја поднесе Министерството за внатрешни работи.

„По насока на јавните обвинители е поставувано и во рамки на предистражната постапка. Кривичната пријава е изготвувана по насоки на истиот јавен обвинител…Никој не може да ме убеди дека во тој момент имало докази, а сега нема. Тоа не може никој да ме убеди. За да се преземат чекори како што се превзеле. А јавноста е свесна какви чекори се презеле“,
изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на 14 мај 2026 година.
Независно од ставот на министерот за внатрешни работи, МВР нема формални механизми со кои може да ја оцени работата на обвинителството по одлука за прекин на истрага. Такво право има Вишото јавно обвинителство, по приговор на осомничените или оштетените.
Во случајот, Електрани на Северна Македонија како оштетена странка, веќе поднесе приговор. Дарко Аврамовски, од Коалицијата „Сите за правично судење“, вели дека повисокото обвинителство може да ја потврди првичната одлука или да му даде насоки на јавниот обвинител да ја продолжи истрагата.

„Станува збор за во голема мера формално оценување на постапувањето на јавното обвинителство бидејќи ретко кога во праксата повисокото јавно обвинителство има можност да навлезе во суштината на предметот и да направи на еден начин нова оценка на целокупниот случај. Најчесто тоа во пракса се сведува на формална проверка дали јавниот обвинител навистина ги презел сите дејствија или, пак, имало определени пропусти во постапувањето и треба да се преземат дополнителни истражни мерки.“
Но, освен приговор до Вишото обвинителство, од Електрани доставија и барање за контрола до Републичкото јавно обвинителство. Аврамовски вели дека не е невообичаено овој механизам да се примени и како редовна и како вонредна мерка. Но, додава, тоа носи и опасности.

„Малку е проблематично кога станува збор за активен предмет за кој допрва треба да се одлучи во, ајде да ја кажеме, жалбена постапка од страна на Вишото јавно обвинителство. Во таков случај, може да се оддаде впечаток за правење на обид за политички притисок врз обвинителството за донесување на определена одлука, така што соодветно би било во ваков случај да се остави простор за институционално решавање на случајот, односно да се почека Вишото јавно обвинителство да ја донесе конечната одлука.“
ЕСМ: Никогаш не ни побараа став за финансиската штета
Од Електрани на Северна Македонија велат дека очекуваат републичкото обвинителство да го прифати нивното барање за надзор и контрола, со цел да се утврдат, според нив, сите недоследности во водењето на постапката. Очекуваат тоа да се случи по прифаќање на нивниот приговор од Вишото јавно обвинителство.
Во ЕСМ прашавме и кои аргументи ќе ги користат, ако се знае дека на записник нивните претставници навистина кажале дека нема штета, вклучително и во делот на Јавната набавка.

„Не е точно дека двајцата сведоци недвосмислено изјавиле дека нема финансиска штета за компанијата… Компанијата постапи по инструкции од обвинителката, за тоа какви профили на лица треба да се испратат на сослушување… Следејќи ги овие експлицитни насоки, АД ЕСМ на сослушување испрати помошник-директор за производство на електрична енергија и советник за комерцијални работи. Нивните искази се строго во рамките на нивната професионална експертиза…
АД ЕСМ смета дека Обвинителството направило суштинска грешка и погрешно ги утврдило фактите токму во делот каде што техничките искази на повиканите лица свесно ги номинирало како релевантни изјави за отсуство на финансиска штета. Неправилноста се состои во тоа што Обвинителството го засновало својот заклучок врз коментари на лица кои немаат правни и менаџерски ингеренции да го застапуваат Друштвото во делот на утврдување штета.“
одговорија од ЕСМ на прашањњето на „360 степени“.
По затворањето на истрагата, надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ за „360 степени“ изјави дека имало повеќе моменти кога Електрани можеле да достават докази за причинетата штета.
„Од почетокот на траењето на истражната постапка, правосудната полиција во неколку наврати пристапуваше во просториите на АД ЕСМ со барања за доставување документација и докази за утврдување факти за кривична одговорност. Но, такви никогаш од страна на ЕСМ не беа доставени.“
изјави Коларевиќ за „360 степени“ на 14 мај 2026 година.
А, потоа, и дека ЕСМ никогаш не реагирала по сослушувањето на нивните претставници на почетокот на март.
„Ако нешто се косело со фактичката состојба, а за тоа знаеле други лица од АД ЕСМ, сметам дека имаа доволно време за реакција од 4.3.2026 година до 10.5. Тоа се повеќе од два месеци.“
На ова тврдење на обвинителката, од Државните електрани сега велат:

„Имајќи предвид дека компанијата чекаше скоро цела година за воопшто да биде повикана во Обвинителството, сметавме дека сослушувањето на техничките лица е само почетна фаза… Наместо да се заокружи процесот со испитување на материјално-финансиското работење, Друштвото беше затекнато од фактот што за многу краток период по одговорите на техничките лица, Обвинителството експресно донесе Наредба за прекин на постапката.
Она на што АД ЕСМ реагира сега, преку поднесениот Приговор, е одлуката на Обвинителството да ја затвори истрагата без воопшто да побара официјален став и вештачење за финансиската штета, токму од субјектот што ја претрпел таа штета, во случајов, самата компанија.“
велат од ЕСМ за „360 степени“.
На ставот на обвинителката Катерина Коларевиќ, дека правосудната полиција во неколку наврати барала и не добила од ЕСМ документација во прилог на утврдување потенцијална кривична одговорност, од компанијата велат:
„Тоа не е точно. АД ЕСМ во текот на целиот процес беше максимално кооперативно и отворено за соработка. Целата документација во врска со предметниот случај е доставена до соодветните истражни органи.“
Целосниот одговор на ЕСМ на прашањата на „360 степени“ можете да го прочитате на линкот подолу:
Бранителите се надеваат на потврда
„360 степени“ се обрати и до дел од бранителите на осомничените во случајот. Ова се дел од ставовите на тие од коишто добивме одговор, на прашањето – каков им е ставот за приговорот на ЕСМ.
„Било каква жалба која би се поднела од страна на ЕСМ или ТЕЦ Неготино би била беспредметна имајќи ги во предвид исказите на претставниците на записник, па доколку се поднесе и усвои таква жалба од вишото јавно обвинителство, сметаме дека ќе биде исклучиво резултат на притисок на јавноста подгреана од изјави на политичари кои неодговорно коментираат јавно обвинителски одлуки и тогаш како бранители ќе поведеме соодветни постапки, против сите кои сега се најгласни“,
ни одговорија од Адвокатска канцеларија Бегова и адвокат Анита Бегова, бранители на Душица Сеизова Јовановиќ, поранешна членка на УО на ЕСМ.
Крајно сме изненадени од реакцијата на наводно оштетеното АД ЕСМ дека ќе вложи приговор, бидејќи во текот на постапката двајца нивни претставници… не најдоа ништо спорно ниту во постапката за склучување на договорите, ниту во делот на исполнувањето на истите. Немаше приговор на квалитетот на доставениот мазут, динамиката на достава, цената или било кој друг елемент на договорите.
ни одговорија од Адвокатската канцеларија Филип Медарски, бранител на Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.
Целосните одговори од адвокатските друштва можете да ги прочитате на линковите подолу:
Од моментот кога ќе го добие приговорот од ЕСМ, вишиот јавен обвинител кој ќе го добие случајот ќе треба да донесе одлука во рок од 30 дена.
Тоа значи дека ќе се знае уште на почетокот на летото – дали „Мазут“ дефинитивно ќе остане затворен предмет во кој нема докази за сторени кривични дела или, пак, обвинителството за гонење на организиран криминал ќе треба да продолжи да истражува.
