Осврнувајќи се на темата на панел-дискусија во Атина, потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи, условно кажано, го отвори прашањето за авторството на идејата, за што, во шеговита смисла, кажа дека не се обидува да се расправа со германскиот канцелар. Имено, поранешниот шеф на македонската дипломатија потсети на нон-пејперот што во 2023 година го објави Министерството за надворешни работи на С Македонија, а во кој се говореше за постепена интеграција пред членство во ЕУ и објасни што значи тоа
Османи на панелот говореше за војната во Украина, потребата од нова безбедносна архитектура во Европа, предизвиците што се надвиснуваат над земјите од Западен Балкан за да не станат, како што рече, нова Грузија, а упати и критики до актуелната влада во земјава и наведе дека создава илузии со кои ги поткопува Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија
Писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц го испрати до лидерите на земјите членки на Европската Унија, во кое предлага иновативни решенија за процесот на проширување на Унијата, веќе станува тема на дебата во европските кругови, а почнаа да пристигнуваат и првите реакции и ставови за неговата содржина од домашните политичари. На предлозите на Мерц денеска се осврна потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи на земјава, Бујар Османи.

На панелот насловен „Безбедноста на Европа на раскрсница“ во рамките на Атинскиот безбедносен самит, на кој се дискутираше за новите безбедносни предизвици во Европа по руската агресија врз Украина и импликациите за регионот на Западен Балкан, стана збор и за писмото или, како што уште го нарекуваат, нон-пејперот на Мерц.
Османи во својата дискусија на панелот рече дека го поддржува писмото на германскиот канцелар во кое предлага постепена интеграција на земјите кандидатки во ЕУ, посочувајќи како и Мерц дека не станува збор за некаква алтернатива на полноправното членство. Осврнувајќи се на темата, тој, условно кажано, го отвори прашањето за авторството на идејата, за што, во шеговита смисла, кажа дека не се обидува да се расправа со германскиот канцелар. Имено, поранешниот шеф на македонската дипломатија потсети на нон-пејперот што во 2023 година го објави Министерството за надворешни работи, а во кое се говореше за постепена интеграција пред членство во ЕУ и објасни што значи тоа.
„Го споменавте писмото што денес канцеларот Мерц го испрати до Европската Унија за постепената интеграција, и не се обидувам да се расправам со него за авторството на идејата, само за да објаснам што значи тоа. Во 2023 година Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави нон-пејпер кој го нарековме ‘повеќе интеграција пред членство’ и никогаш не го замислуваме како алтернатива на полноправното членство. Значи, полноправното членство останува конечен исход. Но, она што го сфаќаме е дека процесот е бинарен, нема ништо сè до самото членство, а потоа добивате сè и ова доаѓа како шок за земјите членки на ЕУ и затоа тие постојано го одложуваат, a кандидатите се фрустрирани. Затоа помисливме дека можеме постепено да го направиме процесот посуштински и тоа го предвидовме три столба, од кои едно е учество во политичкото тело на Европската Унија, бидејќи кандидатите ги исполнуваат критериумите“,
рече Османи.
Како пример тој ја наведе Северна Македонија, која, како што рече, за време на неговиот мандат како шеф на дипломатијата 100 проценти се приспособи на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, но и покрај тоа не добила место во Советот за надворешни работи на ЕУ.
„Испратив писмо до тогашните високи претставници зошто не седам на масата на Советот за надворешни работи бидејќи ние 100 отсто влегуваме во единствениот пазар постепено зашто земјата кандидат ги исполнува критериумите и исто така стануваме подобни за кохезивна и структурна интеграција, затоа што ги исполнуваме критериумите. Така, земјите почнуваат да ги чувствуваат придобивките од процесот на патот кон интеграција, а земјите членки (на ЕУ) не доаѓаат во шок, туку постепено ги вклучуваат земјите. И затоа го поддржувам тоа, како што го поддржувам ова писмо на канцеларот, но повторно да објаснам дека ова не е алтернатива на конечното членство ниту за Украина ниту за земјите од Западен Балкан“,
рече потпретседателот на ДУИ и ексминистер за надворешни работи.
За помалку упатените, во писмото до лидерите на Европската Унија, германскиот канцелар предлага Украина да добие модел на „асоцијативно членство“ како преодна фаза кон полноправно членство. Тој модел би овозможил учество на украинските претставници во работата на институциите на ЕУ без право на глас, како и постепена примена на европското законодавство.
Во однос на Западен Балкан и Молдавија, Мерц предлага забрзана и постепена интеграција преку привилегиран пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и поблиско вклучување во европските институции.
Според него, ваквиот пристап би можел да создаде нова динамика во процесот на проширување и да ги поттикне реформите во земјите кандидати, но и да ја зајакне геополитичката улога на Европската Унија.
Говорејќи за руската агресија врз Украина како една од главните теми, Османи рече дека се согласува со насловот на панелот дека агресијата не била само војна, туку на некој начин психолошко отрезнување за Европа во смисла на разбирањето на нејзината безбедносна структура. Според него, старата безбедносна архитектура е нарушена и Европа треба да изгради своја, но не надвор од Трансатлантската алијанса – НАТО, туку во нејзини рамки.
„Јас, за време на мојот мандат како министер за надворешни работи, бев сведок на различни заклучоци и процени, но еден заклучок остана непроменет, а тоа е дека старата безбедносна архитектура на Европа е нарушена или е скршена и, сакале или не, Европа треба да изгради своја безбедносна архитектура. И не мислам надвор од Трансатлантската алијанса, туку на сопствената архитектура во рамките на Трансатлантската алијанса. Прво, мислам дека Европа треба да го заврши својот проект за проширување затоа што треба да ги пополни своите празнини, особено Западен Балкан, што е нејзината слаба точка. Второ, Европа треба да брза во исполнувањето на целта на НАТО од 5 проценти (издвојувања од БДП за одбрана н.з.) дури и пред 2035 година. Европа треба да добие посилна тврда моќ, не само во конвенционалната одбрана и одвраќање, туку и во кинетичката моќ, далечинската помош, брзата интервенција. Значи, не ја гледаме ситуацијата како што беше пред четири години во Украина“,
рече Османи.
Друг предизвик за безбедноста на Европа, рече тој, е отпорноста, односно градењето отпорност против хибридните закани и влијанија каде што, според него, Европа има различно ниво на подготвеност. Во тој контекст, тој направи споредба со балтичките и нордиските земји.
„Ако ги видите балтичките и нордиските земји, ќе видите подобра подготвеност во соочувањето со хибридните предизвици или она што ние го велиме дека се способни да го заштитат когнитивниот суверенитет на своите луѓе“,
рече тој.
Како интересен тој го посочи примерот со Грузија која, како што кажа, до пред неколку години била една од најтврдокорните прозападни земји, додека денес за неа се зборува не за нејзина заштита од Русија, туку за заштита на грузиските граѓани од сопствената влада. Овде тој направила парабола со земјите од Западен Балкан, наведувајќи дека речиси сите земји од овој регион имаат потенцијал да станат нова Грузија.
Рече дека во оваа смисла, Србија води во својот курс, а, како што рече, трагично ѝ се придружува и Северна Македонија.
„Велам трагично, затоа што до пред само две години бевме ѕвезда во регионот. Влеговме во НАТО непосредно пред руската агресија врз Украина. Го забрзавме патот кон ЕУ, се помиривме со нашите соседи и изградивме мултиетничка архитектура што стана функционална мултиетничка демократија. И, одеднаш, во рок од две години, Северна Македонија влезе во орбитата на Виктор Орбан. И заедно со него, во орбитата на Путин и ги предизвика трите столба на нејзината евроатлантска ориентација“,
рече Османи.
Трите столба, наведе тој, се Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, осврнувајќи се со по неколку збора на секој од нив и образложувајќи зошто смета се доведени во прашање. Во тој контекст, Османи го спомена протестот на студентите Албанци во Скопје кои бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
„Значи, мировниот договор беше самата мултиетничка архитектура на земјата. Тоа беше мировен договор меѓу двете најголеми заедници, етничките Македонци и Албанци, на историска раскрсница, со кој ќе изградиме унитарна држава, но со моделот на консултативна демократија на Арин Липкарт, нешто како Јужна Европа во Италија, каде што поделбата на власта, јазичната еднаквост, правичната застапеност, двојното мнозинство во парламентот, перспективата на ЕУ би биле суштината на оваа архитектура. И само вчера или пред два дена видовте илјадници Албанските студенти протестираат во Скопје затоа што Владата одлучи да ги заобиколи Уставот и Законот за јазици и да не им дозволи да го полагаат правосудниот испит на мајчин јазик или го инструментализираат Уставниот суд како нов клучен столб на овие архитектури, а на Балканот имате два модели за решавање на етничките прашања, или Дејтонскиот договор, кој повеќе се занимава со територијално решение на етничките проблеми, или мировен договор кој вклучува интеграција и децентрализација на моделот“,
рече Османи.
Во врска со Преспанскиот договор, рече дека со него била поткрепена стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата, но во последните две години, како што кажа, актуелната влада во земјава создава илузија дека може да го врати старото уставно име, со тоа оспорувајќи важен партнер како Грција.
Говорејќи за Договорот со Бугарија, Османи на панелот рече дека одбивањето да се направат уставните измени, со кои ќе се деблокира процесот на преговори со Европската Унија, ќе создаде асиметрија и социјално нарушување во земјата.
„Значи, на Северна Македонија ѝ е потребна поддршка и треба да го забрза процесот, но особено да се испрати порака до Владата дека трите столба што ја поткрепуваат евроатлантската приказна за Северна Македонија мора да бидат заштитени“,
подвлече Османи.
