Набавкатата на мазут со кој се рестартираше ТЕЦ Неготино и купувањето јаглен од странство за потребите на РЕК Битола, беа два од потезите кои во годините на енергетската криза ги презеде тогашното раководство на ЕСМ. Одлуките наидоа на разбирање во јавноста бидејќи и така произведената домашна електрична енергија, во тој момент беше значително поевтина од увозната
Но, и „360 степени“ и други медиуми уште тогаш известуваа за чудните промени во сопственичките структури на фирмите кои беа избрани да набавуваат мазут и јаглен. Се наликуваше на пресликување на политичкото мото на соработка на тогашната влада – „едно општество за сите“
Веќе е стара веста од почетокот на неделава дека јавното обвинителство отвори истрага за Ратко Капушевски, Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски, Васко Ковачевски и уште девет други лица за злоупотреби при набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
А заборавени се, но е добро време да потсетиме на вестите што „360 степени“ и други медиуми низ годините ги објавуваа на оваа тема.

360 степени: И овде личи како да е договорено партнерството и да се делат работите. Во шега, еден пријател вели – ова неподносливо мириса на „едно општество за сите“.
„ … Кој ќе ја поднесе па таа одговорност, доколку елиминираме заради сопственичка структура или одредени личности, дали се тоа политички личности или бизнис интереси. Затоа има истражна органи“,
изјави Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ на 16 септември 2022 година

360 степени: Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?
„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски“,
изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 18 септември 2023 година.
Што се знае и што се знаеше за случајот во кој обвинителството ја проценува злоупотребата на 167,5 милиони евра.
Од политичар до бизнисмен
На Ратко Капушевски му се предвидуваше долга политичка кариера кога на свои 20 и нешто години стана директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Но, млад и ја напушти политиката. Прво за да работи кај бизнисменот Сергеј Самсоненко, а во ноември 2015 година и да отвори своја компанија која денеска го носи името РКМ.
Финансиски резултати на РКМ во евра
Година | приходи | профит |
2018 | 66 684 | 52 584 |
2019 | 797 776 | 84 854 |
2020 | 1 045 994 | 33 778 |
2021 | 8 421 386 | 219 645 |
2022 | 110 840 555 | 6 250 754 |
2023 | 72 609 275 | 3 140 038 |
Во 2018 година, РКМ е фирма со приходи од околу 67 илјади евра, од кои профитот е 53 илјади. Компанијата бележи раст и во 2019 и во 2020, но клучно за оваа сторија е што се случува на приходната страна кога на крајот на 2021 година и почетокот на 2022 година, на РКМ и успева да склучи два договори со државните Електрани на Северна Македонија – за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино во вкупна вредност од 112 милиони евра.

Договорите ги обелоденија колегите од ИРЛ по неколкумесечно истражување бидејќи ЕСМ не ги објави јавно. Новинарите дознаа дека компанијата тогаш испратила барања за понуди за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино до сите компании од секторот, но дека никој не се нафатил. Тоа го отвори прашањето – од каде релативно малата РКМ имала капацитет да набави толку мазут и тоа во време на енергетска криза.
„На прашање на ИРЛ од каде е увезен мазутот, од ЕСМ ни одговорија дека компанијата РКМ доставила список на земји со потекло и компании кои ќе ѝ го продадат мазутот… ИРЛ упати прашања до сите компании. Рафинериите ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска тврдат дека не соработуваат со никого во земјава… Од ЕСМ во своите одговори до ИРЛ велат дека тие не побарале договори со компаниите добавувачи, туку само тие да се наведат“,
пишува во дел од текстот на ИРЛ на темата.
„Пријателски“ аквизиции
Само неколку месеци откако ИРЛ го објави овој текст, во РКМ се случува нечуено нелогична прераспределба на сопствеништвото. Ратко Капушевски, како газда на компанија која во тој момент има тендери од 112 милиони евра со државата, продава 65% од својата фирма за само 24 000 евра на лицето Ерџан Сулкоски.
360 степени: Е сега, не треба да сте многу вешт за да пребарате и ќе видите дека станува збор за бизнисмен од Кичево, сопственик на Пацифик Петролеум, бизнис партнер на „Пуцко Петрол“ и се понатаму е веќе јасно, господинот Јаховски знаеме кој е, член на ДУИ, пратеник и така натаму. И овде личи како да е договорено партнерството и да се делат работите. Во шега, еден пријател вели, ова неподносливо мириса на едно општество за сите.
„Значи, ние не сме истражен орган. Доколку за било која набавка економскиот оператор којшто доставил понуда ги исполнува сите критериуми и сите услови, согласно Законот за јавни набавки, ние мора да ги прифатиме тие понуди. Во спротивно ние правиме прекршок. И сега утре се поставува прашањето – кој ќе ја поднесе па таа одговорност, доколку елиминираме заради сопственичка структура или одредени личности, дали се тоа политички личности или бизнис интереси. Затоа има истражна органи“,
изјави на 16 септември 2022 година во емисијата „360 степени“ тогашниот генерален директор на ЕСМ, а сега осомничен, Васко Ковачевски.

За обвинувањата од тогашната опозиција дека договорот со РКМ е склучен во четири очи, тогашниот директор на ЕСМ, а сега осомничен во случајот со набавката на мазут, ќе одговори:
Ова денеска најодговорно ви го тврдам пред цела јавност. Значи, секогаш кога се вршеле постапки без претходно објавување на оглас биле повикани најмалку три фирми. Некогаш пет, некогаш седум, некогаш 11 во зависност од која постапка се работи... Меѓутоа, кога некој веќе ве обвинува за договори во четири очи и покажува со прст кон некого, тој истиот кој денеска и вчера и секој ден додека трае кризата на обвинува, истиот тој човек седел на моето столче и бил директор на ЕЛЕМ и во неговиот мандат имало 44 постапки со без објавување на оглас, односно постапки со преговарање... Дали тогаш не биле договорите во четири очи?
Само две недели по директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, во „360 степени“ гостуваше тогашниот министер за економија, Крешник Бектеши, во чиј ресор беше и енергетиката.
360 степени: На крајот на август фирмата којашто го увезува мазутот за ТЕЦ Неготино каде што сопственик беше само Ратко Капушевски, влегува сега еден господин од Кичево, патем вие сте од Кичево, којшто е близок бизнис-партнер на еден од вашите пратеници Исмаил Јахоски и неговата фирма. И некако таа коинциденција за којашто зборував како да навистина е очигледна?
„Јас разговарам со г. Јахоски и според моите информации кои ги поседувам неговата компанија не ги снабдува со мазут Електрани на Северна Македонија. Бизнисменот кој го споменувате, според сите информации, тоа го знае и јавноста, никогаш не бил близок со мнозинството моментално бидејќи функционираше…“,
изјави Крешник Бектеши, министер за економија, во емисијата „360 степени“ емитувана на 30 септември 2022-ра година
360 степени: Но, Фејсбук профилот му е со слики од Исмаил Јахоски?
„Компанијата РКМ, која ја споменавте, колку што знам работеше и порано со ЕСМ и со многу институции кај нас. Компанијата РКМ ја води г. Капушевски и сите компании кои се занимаат со трговија со нафта и нафтени деривати имаат можност да аплицираат на повици.“
Извесно време по овие интервјуа на површина излезе сознанието дека Ерџан Сулкоски, пред да купи 65% од фирмата на Ратко Капушевски, бизнис за кој сега е осомничен, во истата 2022 година влегол и во друга фирма – „К.С.А Интернатионал“.

Седиштето на фирмата е во станбена зграда каде простории има „Пуцко Петрол“ на семејството Јахоски во скопски Карпош, веднаш до бензинската пумпа, повторно во сопственост на Јахоски.
Во својата прва година од работењето, „К.С.А Интернатионал“ успеала да направи приходи од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони. Партнер на Сулкоски во таа фирма е Куштрим Смајлај. Во тој момент, германски државјанин со привремен престој во Зајас. Во документите од Централниот регистар не пишува дека истиот Куштрим Смајлај е и зет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сопруг на неговата ќерка Ускана.

360 степени: Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?
„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски“,
360 степени: Ќе се согласите, ова е добар старт-ап. Куштрим Смајлај можеби може да предава на некоја академија за старт-ап?
„Јас не ги знам конкретните податоци“,
360 степени: Куштрим го знаете?
„Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин.“
изјави Али Ахмети во интервју за „360 степени“ емитувано на 18 септември 2023-та година.
Кој, како, што
Куштрим Смајлај не е меѓу осомничените во истрагата на обвинителството. Повеќе не е ниту бизнис-партнер со Ерџан Сулкоски. Сулкоски му го продал својот удел на Куштрим Смајлај во 2023 за само 2 500 евра, колку што му бил основачкиот влог и покрај свртените 12 милиони евра претходната година. Тоа на што укажуваат ваквите врски е тесна семејна, партиска и бизнис спрега во доходовните државни тендери и договори.

Она што е неспорно во моментов е соопштението за отворената истрага на обвинителството. Под сомнеж се 13 лица.
Две се од РКМ. Не се именувани, но можат да се препознаат – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски.
„Во периодот на 2021–2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице, свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери.“
Деветмина осомничени, вклучувајќи го и поранешниот генерален директор Васко Ковачевски, се од ЕСМ.
„Во намерата со умисла им помогнале осомничените вработени во АД Електрани на Северна Македонија – Скопје, кои се наоѓале на високи позиции од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки… иако знаеле дека правното лице не ги исполнува бараните критериуми за носител на јавната набавка, помогнале да се склучат Договори за јавна набавка во корист на истото и му овозможиле да испорачува мазут се до 24.2.2023 година.“
Не е именуван и газдата на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, но неговата улога обвинителството ја опишува вака:
„Врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72.000.000,00 денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции. Осомничениот така примените парични средства, свесен за нивното потекло со цел да ја прикрие нивната локација ги трансферирал по основ на ’позајмица’ кон своето правно лице.“
Многу работи, засега се нејасни. На пример, зошто Јавното обвинителство пресметува штета од 167,5 милиони евра, колку што веројатно изнесувале сите тендери, кога е познато дека ТЕЦ Неготино работеше со тој мазут.
И не помалку важно, што премиерот тврди дека мазутот бил токсичен.

„Овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле ете такви недозволиви средства и согорувале таков тип на недозоволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е
изјави Христијан Мицкоски, премиер.
уставно гарантирано за сите граѓани“,
Засега нема ниту збор за такво нешто во истрагата што ја отвори обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.