Именувањето заменик-градоначалник од редовите на советниците, како што рече, е законска можност што ја користат градоначалниците од сите политички партии
Според него, најважно е што Општина Карпош функционира нормално и непречено ги извршува обврските кон граѓаните
Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска во гостување на ТВ 21 изјави дека до Министерството со кое раководи досега не е доставено никакво официјално известување за евентуална оставка од градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.

„До овој момент, одговорно тврдам дека во рамките на Министерството за локална самоуправа, од страна на Општина Карпош, немаме добиено никакво известување за потенцијално поднесена оставка од страна на градоначалникот“,
рече тој.
Посочи и дека именувањето заменик-градоначалник од редовите на советниците е законска можност што ја користат градоначалниците од сите политички партии и дека во конкретниот случај нема ништо спорно.
„Оваа можност за именување заменик-градоначалник од редовите на советниците ја користат сите градоначалници во Македонија, без исклучок. Тоа е уредено со закон. Треба да ја констатираме фактичката состојба која во моментот се случува во Општина Карпош. Градоначалникот именува негов заменик од редовите на советниците и тука нема ништо спорно“,
кажа министерот.
Според него, дел од политичките структури и поединци непотребно создале вознемиреност кај граѓаните на Карпош со пласирање различни сценарија во јавноста.
„Жал ми е што одредени политички структури или индивидуалци растураа пердуви во медиумите во изминатите неколку дена и на тој начин создадоа една непријатност кај граѓаните на Општина Карпош“,
вели тој.
Според Перински, најважно е што Општина Карпош функционира нормално и непречено ги извршува обврските кон граѓаните.
Во овој момент, како што додаде, е ирелевантно дали градоначалникот ќе поднесе оставка или ќе се врати на функцијата, нагласувајќи дека институциите треба да постапуваат согласно актуелната фактичка состојба.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера ги отфрли како невистинити наводите дека градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, поднел оставка од функцијата.
Посочи дека градоначалникот на Карпош е на боледување поради одредени здравствени проблеми.
„На градоначалникот му посакувам брзо опоравување и што поскоро да се врати на својата работна позиција, а дотогаш ќе го заменува заменик-градоначалникот кој согласно закон е именуван од страна на градоначалникот“,
рече Мицкоски.
Од Општина Карпош минатата недела информираа дека градоначалникот Сотир Лукровски е на боледување, а во тој период негова привремена замена ќе биде членот на Советот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски.
