„Еден ден, сè ова ќе допре и до ЕУ. Таа парoдија на правосудниот систем на Македoнија ќе се погледне од вистинскиот агол. Ако министерот не сака да стане дел од еден голема валкана игра од минатото, собирајќи ги предметите од судот за мене, независно што тогаш бил член на СДСМ, нека се потруди и нека ги провери и овие работи, па потоа нека дејствува како што е праведно и воден од својата совест и законите“, вели експремиерот во објава на Фејсбук
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија откако избега од земјава, денеска се огласи на социјалните мрежи коментирајќи ги подготовките на надлежните за испраќање ново барање за негова екстрадиција по смената на власта во Будимпешта.

Во подолга објава на Фејсбук, Груевски директно му се обраќа и го критикува актуелниот министер за правда Игор Филков, порачувајќи му наместо да собира информации од судовите за започнување постапка за екстрадиција, да ги истражи, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и монтираните судски процеси што се воделе против него.
Во тој контекст, тој упатува и серија обвинувања до поранешниот премиер и екслидер на СДСМ, Зоран Заев, тврдејќи дека додека ја предводел Владата имало системски злоупотреби на правосудниот систем.
„Го слушнав денеска излагањето на министерот за правда на Македонија, објаснувајќи на медиумите и јавноста како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да се информирал за промената на мојот и статус тука и да започнал постапка за екстрадиција. Го гледам, и се прашувам кој е на власт во Македонија?! Гледајќи од страна, воопшто не личи дека СДСМ на криминалецот Заев со неговата омраза и валкани методи си заминала од власт. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во годините на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее. Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други“,
вели експремиерот и бегалец во Унгарија.
Груевски во објавата, обвинува дека во рамките на судските процеси што се водеа и се водат против него во земјава се уценувале сведоци да даваат лажни изјави, дека се вршеле притисоци врз адвокати да се повлечат како бранители, како и дека во процесите се поднесувале обвинувања со лажни претпоставки.
Тој во повикот до министерот Филков и обвинувањата дека е гонет во монтирани процеси нарачувани од тогашната влада на СДСМ, посебно се осврнува на секое од делата за кои му се судеше и сè уште му се суди во земјава.
„Да ги прочита обвиненијата, т.н. божемни “докази”, да ги прочита пресудите и да види колку од нив се донесени со лажни претпоставки, заради притисокот што во тоа време го имаа судиите од апаратот на Заев и СЈО за кој веќе секојдневно излегуваат сведочења во медиумите, а министерот делува како да не ги видел. Да види какви пресуди се носени за набавка на блиндирана кола каде сум обвинет дека сум виновен бидејки сум извршил влијание да се набави, за да остварам корист, а користа да ти била тоа што неколку пати ме превезувале со таа кола. Да види како тоа сум набавил плацови а никому ниту сум дал пари, ниту сум побарал од него тоа да го направи во мое име, ниту пак фирмата која ги купила има било каква поврзаност со мене. Да види како сум сум купил два стана кога сопственикот потпишал договор со мене да ми ги изнајмува, а неговиот директор кој божем ги купил за мене, кажува дека ги платил со свои пари, никогаш не земал од мене пари и дека никогаш не сум побарал ништо од него во животот ниту сме ја отвориле темата за становите иако сме сме среќавале службено. Да прочита како тоа ме осудиле за насилство за наводни шамари, кои никогаш никој никому не ги удрил, после ‘крунското’ сведочењето на сите советници на СДСМ во општината Центар чии главен адут беше дека го чуствувале мојот дух во протестите пред бараките на општината, и како судијата одби да ги сослуша сите сведоци предложени од мене, вкупно на број три. Да види како се суди поранешен премиер затоа што сакал автопатот Кичево-Охрид да биде завршен порано, пред следните избори, затоа што сакал така да добие повеќе поени пред гласачите“,
наведува Груевски во објавата.
Експремиерот му порачува на министерот Филков да не се чуди што странски министри, премиери или новинари го нарекуваат криминалец, иако не се запознаени со деталите за судските предмети. Во таа насока, тој додава дека сега министерот може да ги запознае со деталите кога ќе комуницира со нив.
„Тие странски политичари, премиери, министри, новинари и слично, знаат дека има пресуди и само ја следеле реториката која со години ја имаше поранешната власт предводена од СДСМ и не се должни да проучуваат судски предмети, особено не кога ни новата власт, односно актуелниот министер не се труди да проучи и да објасни во какви околности, со каква политичка хајка и со какви неправди и незаконитости тогашната власт се пресметуваше со нестомислениците, во месеците кога се подготвуваше смената на Уставот заради смена на уставното име и се прифати со посебен договор од историската комисија со источниот сосед да зависи дали и кога Македонија ќе стане член на ЕУ“,
вели Груевски.

Доколку не сака да чита, експремиерот и бегалец вели дека министерот за правда може да ги погледне интревјуата на поранешната обвинителка на СЈО, Лејла Кадриу, во кои таа изнесува тврдења дека Специјалното јавно обвинителство било штаб на СДСМ, каде оделе функционери од тогашната власт.
„Еден ден, се ова ќе допре и до ЕУ. Таа парoдија на правосудниот систем на Македoнија ќе се погледне од вистинскиот агол. Ако министерот не сака да стане дел од еден голема валкана игра од минатото, собирајќи ги предметите од судот за мене, независно што тогаш бил член на СДСМ, нека се потруди и нека ги провери и овие работи, па потоа нека дејствува како што е праведно и воден од својата совест и законите“,
наведува Груевски на крајот од објавата.
Вчера телевизија Телма објави дека од скопскиот Кривичен суд добиле потврда дека сите документи потребни за екстрадицијата на Груевски се доставени до Министерството за правда.
Од Правда до судот барале да се достават сите промени кои би можеле да влијаат на постапката за екстрадиција, за што ги добиле потребните одговори.
Пред три дена, министерот Филков кажа дека се чека формирањето на новата влада во Унгарија, земјата каде што избега Груевски, за да бидат известени тамошните институции дека Македонија е заинтересирана за случајот со Никола Груевски, кој патем има политички азил.
По убедливата победа на изборите, човекот кој се очекува да стане нов премиер на Унгарија, Петер Маѓар, на прес-конференција најави екстрадиција на Никола Груевски и посочи дека Унгарија нема да биде депонија за странски криминалци.
Сепак, азилот на Груевски не може да се укине преку ноќ, а сè дотогаш не може да биде екстрадиран.
Од друга страна, ако се врати, Груевски треба да одлежи десет и пол години затвор за „Насилство во Центар“ и „Плацеви на Водно“.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека против него се водат и судски постапки во отсуство за случаите „Титаник“ и „Талир 2“ .
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
