Според објавените резултати, за ректорската функција Ангелова освоила 2924,125 поени, додека нејзиниот противкандидат Дарко Данев освоил 2675,875 поени. Тоа значи дека со разлика од околу 300 поени Ангелова победи од вкупниот број гласови од сите 28 единици на УКИМ
Освоените резултати на двајцата кандидати покажуваат дека Данев освоил повеќе гласови од Ангелова на техничките факултети, како на Медицинскиот, Правниот и Економскиот факултет, додека Ангелова ја обезбеди поддршката од институтите, но и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Земјоделскиот факултет, како и од Архитектонскиот, Стоматолошкиот и Технолошко-металуршкиот факултет
Професорот Дарко Данев, по завршувањето на изборниот процес за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ѝ го честита реизборот на проф. д-р Биљана Ангелова, посакувајќи ѝ успешен мандат на чело на најстарата и најзначајна високообразовна институција во државата.
Во својата реакција по изборите, Данев изрази очекување Ангелова во наредниот период да придонесе кон подобрување на функционирањето на Универзитетот, со фокус на унапредување на студентското искуство и подобрување на условите за работа на професорите.

Упати благодарност и до колегите што му ја дале довербата во изборниот процес, нагласувајќи дека за него е особено значајна поддршката што ја добил од 16 од вкупно 23 факултети на Универзитетот.
„Особено значајно за мене е што поддршката дојде дури од 16 од вкупно 23 факултети на Универзитетот, што претставува силен поттик да продолжам со истата посветеност и интегритет“,
кажа Данев.
Професорот во објавата на Инстаграм се заблагодарува и до своето семејство, пријателите и тимот што биле дел од неговата кандидатура, оценувајќи дека нивната поддршка била значајна во текот на целиот процес.
Данев порача дека и понатаму останува посветен на развојот на Машинскиот факултет и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со, како што наведе, јасна визија за модерно, ефикасно и силно високо образование.
Наставно-научниот кадар на факултетите и институтите во состав на УКИМ вчера со тајно гласање избираше меѓу двајцата кандидати за ректор – актуелната ректорка Биљана Ангелова и проф. д-р Дарко Данев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.
По пребројувањето на гласовите, Универзитетската изборна комисија соопшти дека проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје е реизбрана за ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
Според објавените резултати, за ректорската функција Ангелова освоила 2924,125 поени, додека нејзиниот противкандидат Дарко Данев освоил 2675,875 поени. Тоа значи дека со разлика од околу 300 поени Ангелова победи од вкупниот број гласови од сите 28 единици на УКИМ.
Освоените резултати на двајцата кандидати покажуваат дека Данев освоил повеќе гласови од Ангелова на техничките факултети, како на Медицинскиот, Правниот и Економскиот факултет, додека Ангелова ја обезбеди поддршката од институтите, но и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Земјоделскиот факултет, како и од Архитектонскиот, Стоматолошкиот и Технолошко-металуршкиот факултет.
Актуелниот модел на избори за ректор на УКИМ е утврден со важечкиот Закон за високо образование, кој предвидува специфичен систем на вреднување на гласовите по единици.
Инаку, проф. д-р Данев е поранешен декан на Машинскиот факултет, а во ректорската кандидатура најавуваше визија за модерен и меѓународно конкурентен универзитет, со фокус на дигитализација, подобрување на квалитетот на наставата и поголема поврзаност со индустријата.
