Доколку се пристапи кон измена на Уставот за да се регулира прашањето за државјанството на функционерите, Движењето ЗНАМ вели дека ќе треба да се разговара и за други промени

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе почека на исходот од најавената јавна стручна дебата пред да се изјасни дали и именуваните функционери, покрај пратениците, треба да поседуваат исклучиво македонско државјанство, рече Никола Мемов, на денешната прес-конференција.
Мемов нагласи и дека партијата ќе го соопшти својот став дури откако ќе биде подготвен конечен предлог-текст по консултациите со стручната јавност.
Доколку се пристапи кон измена на Уставот за да се регулира прашањето за државјанството на функционерите, Движењето ЗНАМ вели дека ќе треба да се разговара и за други промени.
Вели дека имаат конзистентен став во однос на Изборниот законик. Од ЗНАМ сметаат дека идниот собраниски состав треба да брои 90 наместо 120 пратеници, да има една изборна единица, воведување на праг помеѓу 2 и 3 отсто и да има промена на начинот на кој се финансираат политичките партии.
„Доколку Уставот се отвора за прашањето со двојното државјанство, тогаш сметаме дека воедно треба да се дискутираат и овие прашања“,
изјави Мемов.
Предлогот за пратениците да немаат двојно државјанство беше поднесен од ВМРО-ДПМНЕ по забелешките на опозициската СДСМ дека дел од пратениците на власта имаат бугарски пасоши.
Од СДСМ го оценија предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ како „класична измама“ и рекоа дека нивната пратеничка група поднела предлог-измени на Законот за владата по скратена постапка. Со овие измени се предвидува забраната за поседување двојно државјанство да ги опфати сите членови на извршната власт, вклучувајќи ги министрите и вицепремиерите.
Според опозицијата, предлогот на мнозинството е манипулативен бидејќи предлогот на власта би важел дури од наредниот парламентарен состав, а не за актуелните пратеници. СДСМ смета дека ова се прави за да се заштитат актуелните пратеници и министри од власта кои веќе поседуваат и други државјанства.
Поддршка околу предлог-законот со кој на пратениците би им се забранило да имаат двојно државјанство, даде и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која смета дека ваквото ограничување е правно издржливо и треба да се прошири.
Според неа, забраната за двојно државјанство треба да важи за претседателот на државата, министрите и сите носители на функции важни за безбедноста на земјата.
