Од партијата потенцираат дека нивната цел е воспоставување јасен принцип според кој истите правила мора да важат за сите избрани и именувани функционери, без какви било исклучоци

Опозициската СДСМ денеска информира дека нивната пратеничка група поднела предлог-измени на Законот за владата по скратена постапка. Со овие измени се предвидува забраната за поседување двојно државјанство да ги опфати сите членови на извршната власт, вклучувајќи ги министрите и вицепремиерите.
Од партијата потенцираат дека нивната цел е воспоставување јасен принцип според кој истите правила мора да важат за сите избрани и именувани функционери, без какви било исклучоци.
„Забраната за двојно државјанство да важи за министрите, вицепремиерите и целиот состав на владата и тоа веднаш“,
се вели во партиското соопштение.
СДСМ го критикува предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени во Законот за пратениците, нарекувајќи го „уште една измама на власта“. Според опозицијата, предлогот на мнозинството е манипулативен бидејќи предлогот на власта би важел дури од наредниот парламентарен состав, а не за актуелните пратеници.
СДСМ смета дека ова се прави за да се заштитат актуелните пратеници и министри од власта кои веќе поседуваат и други државјанства.
„Ова е нечесно, лицемерно и спротивно на принципите на еднаквост и одговорност“,
велат од СДСМ.
Од партијата најавија дека ќе поднесат и амандмани на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се осигури дека забраната за двојно државјанство кај пратениците ќе почне да важи веднаш.
Вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција го оцени предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ со кој на пратениците им се забранува да имаат двојно државјанство како „класична измама“. Иако партијата ќе даде поддршка, Филипче најави амандмани со кои ќе се бара законот да ги опфати актуелните пратеници.
Предлогот беше поднесен од ВМРО-ДПМНЕ по забелешките на опозициската СДСМ дека дел од пратениците на власта имаат бугарски пасоши.
Вчера за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ со реакција се јави и пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, која рече дека ваквата одредба не треба да важи само за пратениците, туку и за сите избрани и именувани функционери.
