Лидерот на СДСМ смета дека Зибери не може да ѝ помогне на ДУИ за 20 дена, затоа што, според него, на оваа партија ѝ требаат четири години во опозиција за да се реформира
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се станува премиер во канцеларија, туку дека треба да се излезе меѓу граѓаните
Несоодветно е учеството на Насер Зибери во ваква уценувачка понуда, оцени денеска, во јавување за Сител, лидерот на СДСМ Зоран Заев, откако ДУИ го промовира поранешниот пратеник на ПДП и некогашен министер за труд и социјална политика за кандидат за „прв премиер Албанец во Северна Македонија“.
„Што да кажам, уште еден шпицен кандидат. Немаме ништо против човекот, ама верувам дека неговото учество во ваква уценувачка понуда не е соодветно. Тој за 20 дена не може да ја реформира ДУИ. На ДУИ ѝ треба да помине четири години во опозиција, за да може да се реформира и да биде добра партија. Верувам дека ова е само политика и политикантство, затоа што мандатот, на крајот на денот, го даваат граѓаните. Тие бираат личност, посветен кадар, што се докажал досега и верувам дека на 15 јули граѓаните преку својот глас ќе определат кој ќе биде идниот премиер“ ,
изјави Заев за кандидатот на досегашните партнери на СДСМ во Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така, во вклучување на Сител од Охрид, оцени дека ДУИ ја прифатила идејата за шпицен кандидат, ама подвлече дека идниот премиер треба да понуди програма за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
Конкретно за номинирањето на Насер Зибери, Мицкоски вели:
„Премиер не се станува во канцеларија, треба да се излезе пред граѓаните и да се добие поддршка. Така се станува претседател на Владата. Ја прифатија идејата на ВМРО-ДПМНЕ за шпицен кандидат, сега се надевам дека ДУИ ќе понуди и програма што ќе го привлече вниманието на сите граѓани, без разлика на етничка припадност. Начинот на кој ја почнаа кампањата е дополнително оптоварување за граѓаните и дополнителна поларизација, а ние тој начин на водење политика го одбиваме. Тоа не е добар концепт, тоа ќе го видат граѓаните. Граѓаните ќе се одлучат за концепт кој нуди додадена вредност и подобар живот за сите“,
рече Мицкоски.