Партијата на Али Ахмети го претстави својот кандидат за премиер. За челната позиција во новата влада, ДУИ го номинира нотарот Насер Зибери. Тој беше пратеник од редовите на Партијата за демократски просперитет (ПДП) во три мандати, а од 1996 до 1998 беше министер за труд и социјална политика и потпретседател на владата предводена од Црвенковски.
Тој на својата промоција во Преспа кажа дека ја прифатил понудата без да се двоуми.
„Реков ‘да’, затоа што верувам во идејата за прв премиер Албанец. Како пратеник неуморно се залагав за заштита на правата на Албанците, а бев и член на преговарачкиот тим кој во името на Али Ахмети работеше на постигнување мир, кој беше крунисан со Охридскиот договор. Убеден сум дека оваа задача ќе ја исполнувам во името на сите граѓани, не само на Албанците туку и на другите заедници, без оглед на националноста, религијата, политичката припадност“,
рече Зибери.
Зибери во своето обраќање се осврна и на изјавите на лидерите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои ја одбија идејата на ДУИ.
„Зоран Заев и Христијан Мицкоски! Вие не можете да го негирате правото на Албанците да имаат премиер Албанец, вие не сте газди и сопственици на оваа земја“,
е пораката на Зибери.
Инаку, на кандидатската листа на ДУИ во првата изборна единица, на втората позиција, веднаш зад носителот Изет Меџити, е внукот на Насер Зибери, Арбен.
Тој на јавноста ѝ е познат како директор на Центарот за јавно здравје.
Ахмети: Македонија за 5 години ќе стане членка на ЕУ
Со номинацијата на Зибери, ДУИ денеска од Преспа ја започна предизборната кампања под мотото „Време е за премиер Албанец“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Преспа го симболизира отворањето на вратата за евроатлантските интеграции.
„По членството во НАТО, сега е на ред ЕУ. Уверен сум дека за 5 години Македонија ќе биде дел од Европската Унија“,
рече Ахмети.