„Работната група направи отстапка – наместо тројца, Владата ќе има двајца претставници во Советите, а уште еден член ќе доаѓа од стопанските комори. Ректорите на државните универзитети немаа забелешки за автономијата“, вели министерката

Новиот закон за високо образование не ја загрозува автономијата на универзитетите, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во вечерашното гостување на ТВ Сител, таа појасни дека на барање на академската заедница се направени низа измени во однос на критериумите за избор во звања и составот на управувачките тела.
Една од измените се однесува на составот на Универзитетскиот совет, каде што првично беше планирано да има повеќе претставници.
„Работната група направи отстапка – наместо тројца, Владата ќе има двајца претставници во Советите, а уште еден член ќе доаѓа од стопанските комори. Ректорите на државните универзитети немаа забелешки за автономијата“,
рече Јаневска.
Министерката посочи дека се прифатени барањата за разликување на критериумите меѓу општествените и техничките науки.
„Во однос на критериумите, намаливме по еден труд, аналогно на изборот доцент, вонреден, редовен, и реизбор. Дозволивме СКОПУС, уште една друга база е во игра после денешниот ден. Ги проверивме критериумите кои треба да ги исполнат за следниот избор, каде што велиме ги ослободуваме од критериумите, при првиот нареден избор, а тоа се трудовите со импакт-фактор и ХА-индексот“,
рече таа.
Додаде и дека за уметничките универзитети дополнително се направени посериозни отстапки.
„Се обидовме со деканите на трите универзитети да најдеме заедничко решение и на наше најголемо задоволство, најдовме заедничко решение за да не останат без кадар за студентите“,
додаде Јаневска.
Коментирајќи го новиот предлог-закон за високото образование, премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека тоа претрпело големи штети од законското решение донесено во 2018 година.
Според него, некои од критиките кон новите законски решенија се политички шпекулации и обиди за манипулација, а и тој, како и министерката, нагласи дека автономијата на универзитетите не е загрозена.
