Настанот, организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите, почна во 8:45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата

Со поставување на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска, во Паркот на револуцијата во Кочани почна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, во која на 16 март минатата година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Шеесет и три бели столчиња се наредени на отворено, а на нив е ставена по една бела роза за спомен.
„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“,
е пораката со која семејствата на загинатите ги пречекаа присутните пред Домот на културата во Кочани.
Настанот, организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите, почна во 8:45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.
При приемот на гости и делегации за комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, кој почнува во 10:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, утрово, пред овој визуелен споменик, посветен на недовршените соништа на прерано починатите, е отворена и книга на жалост.

Болката и сеќавањето на настанот кој го потресе Кочани и целата држава, утрово во тишина одекнаа во градот, каде рано утрово се одржа собир во спомен на настраданите во трагедијата.
Собирот, организиран од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани, започна симболично во 2:15 часот пред објектот каде што се наоѓаше т.н. кабаре „Пулс“.
Во 2:32 часот со свеќи во рацете и со една минута молк, собраните родители и граѓани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар.
Денеска во НЦУК „Бели Мугри“ ќе се одржи комеморативен настан во спомен на загинатите во пожарот во Кочани.
Викендов со различни настани беше одбележана годишнината од трагедијата.
