Во дневниот билтен МВР излезе со дел од деталите од увидот кој бил направен во семејната продавница на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој информираше дека утрово околу 3 часот била фрлена експлозивна направа.
Врз основа на увидот, МВР вели дека постои основа да се сомневаат дека е во прашање експлозивна направа.
„Во 03:40 часот било пријавено дека на улицата Ѓорче Петров излегува чад од пекара сопственост на Б.М. (62), а претходно се слушнало детонација. По пристигнување на полициските службеници на местото на настанот, забележано е дека влезната врата е целосно извадена од лежиштето и причинета е материјална штета, па постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа. Повредени нема. Се работи на расчистување на случајот“,
велат од МВР.

Мисајловски, пак, во својата објава утрово алудираше дека зад тоа стојат неговите политички противници.
„Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. На своевиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017 година имаше пожар во мојот дом. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите! Нема потреба од нервоза, промените се незапирливи. Македонија е мојот дом и јас од него не се откажувам и огромен мотив плус да се сменат работите“,
напиша Мисајловски на Фејсбук.