На 10. парламентарни избори учество, уште во март, пријавија 15 политички субјекти, односно четири коалиции и 11 партии
Државната изборна комисија попладнево требаше да одржи јавна седница на која ќе се расправа за активностите поврзани со спроведувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули, откако партиските лидери постигнаа согласност за тој датум. Но седницата е откажана, без образложени, само со известување дека ДИК дополнително ќе информира кога таа ќе се одржи.
Според владината Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието, ДИК треба да продолжи со организација на изборниот процес, да го подготви и објави ревидираниот роковник.
На 10 парламентарни избори учество, уште во март, пријавија 15 политички субјекти, односно четири коалиции и 11 партии.
По распишувањето на изборите на 15 јули, ДИК треба да преземе и сите останати технички и административни активности за подготовка на преостанатите изборни дејствија, како и да го ажурира избирачкиот список.
Се очекува со оваа седница да раководи претседателот на ДИК Оливер Деркоски, кој во изминатите денови не се појавуваше на работното место, затоа што чекаше ново решение од претседателот на парламентот Талат Џафери.
Изборите првично требаше да се одржат на 12 април, ама, поради ситуацијата со ковид-19, беа прекинати на 21 март – два дена пред почетокот на кампањата, а откако беа утврдени кандидатските листи за пратеници и извлечени редните броеви на партиите и коалициите на гласачкото ливче.
