Мицкоски призна дека седел внатре во кафеаната, но вели дека не бил доволно информиран за новите протоколи
Специјалци на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и полицајци од СВР Скопје сè уште се присутни кај кафеаната на Бомска улица во која беше затекнат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при контрола од пазарните инспектори.
Во моментов на терен е мирно, а во локалот повремено се движат службени лица.


Причината за полициското присуство се снимките од камерите во ресторанот, за чија проверка се чека одлука од јавен обвинител.


Во меѓувреме, преку својот профил на Фејсбук се огласи партискиот лидер. Христијан Мицкоски призна дека седел внатре во кафеаната, но вели дека не бил доволно информиран за новите протоколи. Тој посочува дека немал контакт со инспекторите и други државни органи и дека е спремен да плати парична казна, иако смета дека настанот се користи за дефокусирање на јавноста.
За инцидентот информираа пазарните инспектори, кои велат дека два часа биле попречувани да направат контрола во објектот со образложение дека нема никој внатре.