Со довршувањето на делот од Фариш – Дреново се добива целина од 26 километри експресен пат, со што се скратува времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен

Пуштена е во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, кој е дел од Коридорот 10-д. Станува збор за делница во должина од 10,2 километри која е дел од патот Градско-Дреново кој беше пуштен на почетокот од годинава. Со довршувањето на делот од Фариш – Дреново се добива целина од 26 километри експресен пат со што се скратува времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, вели дека патот бил почнат во февруари 2016 година, но поради, како што рече, недоволната активност и раскинатиот договор, во јуни 2021 година бил потпишан нов договор.
Тој рече дека ова е еден од најопасните патишта во земјата зашто поминува низ Дреновска Клисура.
Додаде дека овој пат е многу важен за Пелагонискиот Регион и општо за земјата.
„Со изградбата на овој пат ќе се зголеми развојот на овој регион, ќе се зголеми туризмот, земјоделството, мислам дека ќе се намали и иселувањето, со оглед на тоа што од Прилеп за Скопје, ќе се патува за скоро помалку од еден час. Ќе се вози по безбеден и модерен пат“,
истакна Трајановски.
Тој додаде дека ова е петти автопат, експресен пат или пат, што се пушта во употреба притоа нагласувајќи дека брзо ќе почне и постапка за изградба на трета лента од каменоломот под Маврово па сè до Беловодица, а исто така преговарале и за изградба на експресен пат што ќе води до Прилеп, со тунел на Плетвар.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели „ова е можеби втората најтешка делница од сите оние што ги работиме во моментов“ и дека за изградба на овој експресен пат, кој вклучува тунели, буквално била поместена планина.
„Тунелите и планината зад нив беа навистина голем предизвик. Буквално, планина се помести за да се изведе овој експресен пат и да е безбеден, што е многу значајно“,
рече Николоски.
Тој рече дека претходната влада не помислила дека ако цела, не карпа, туку планина, виси над патот, дека е возможно, во дадени временски услови, истата да се урне на патот.
„Затоа на крајот на минатата година донесовме одлука да се реши тој проблем и сега веќе таа планина не постои и тоа ќе е најлесниот и најбезбеден начин за комуникација. Начин за комуникација што ќе значи од Скопје до Прилеп да се доаѓа некаде за час и 15, час и 20 минути, од Скопје до Битола да се патува некаде за час и 40 минути, а секако по реализацијата на автопатот Прилеп – Битола, што доста интензивно се работи и за многу, многу пократко“,
подвлече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ова е проект е со вредност од речиси 45 милиони евра. Овој пат е од витално значење и за Кавадарци, Прилеп, Битола и за Ресен. Овие пари, не завршија, како во минатото, во нечии џебови, не исчезнаа во провизии, тендери, фиктивни договори. Туку се тука, пред вас, во асфалтот, во оваа делница, во реални, опипливи дела“, истакна Мицкоски.