Старата латинска поговорка вели: „Res, non verba – Дела, а не зборови!“, Ова во своето обраќање го кажа премиерот, кој рече дека оваа делница означува нов почеток на развојот на централна и југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола и Пелагонија
Проект вреден 37,5 милиони евра, со должина од 15,5 километри и ширина на коловозот од 12,40 метри, со три клучки на него. Ова е експресниот пат Градско – Фариш, чија делница од Градско до Дреново денеска свечено беше пуштена во употреба.

Црвената лента на коловозот, на кој провејуваше снег, ја пресекоа евроамбасадорот Микалис Рокас, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски.
Од вкупната вредност на проектот, 26,7 милиони евра се обезбедени преку ИПА-фондовите на Европската Унија, додека 10,6 милиони од буџетот на земјава.
Експресниот пат е дел од паневропскиот Коридор 10 и, како што посочи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура.
„Финансиран преку ЕУ-грант во вредност од над 35 милиони евра, покрај националното кофинансирање, овој експресен пат ќе донесе опипливи придобивки и за граѓаните и за бизнисите, побрзо и побезбедно патување, како и подобра пристапност до останатите делови од овој витален коридор, што минува низ шест земји од Австрија до Грција, поврзувајќи ги сегашните и идни членки на ЕУ, поврзувајќи ја земјата со светот“,
порача евроамбасадорот Рокас.
Секој километар од овој пат, рече тој, придонесува кон амбицијата на земјава да ја зајакне својата внатрешна и регионална поврзаност.
„Коридорот 10 ја зацврстува стратегиската позиција на Северна Македонија како клучен транзитен центар во Југо-источна Европа. Овој експресен пат е критично делче од пошироката транс-европска транспортна мрежа, што не поврзува меѓусебно, како соседи и како партнери“,
рече Рокас.

Старата латинска поговорка вели: „Res, non verba – Дела, а не зборови!“, ова во своето обраќање го кажа премиерот Мицкоски, кој рече дека, оваа делница означува нов почеток на развојот на централна и југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола и Пелагонија.
Тој им се заблагодари и на работниците кои учествувале во изградбата на патот, кои, како што кажа, имаат најголемата заслуга за реализацијата на проектот.
Говорејќи за проектот, Мицкоски рече дека кога биле избрани како Влада, имале дилема.
„Дали да се однесуваме како нашите претходници и да кажеме дека животот започнува од нас и дека сѐ што било претходно треба да заборавиме и дека ние сме тие коишто се најпаметни и најмногу знаеме. Или пак, сето она за кое се потрошени народни пари, ваши пари, пари од македонскиот буџет да го завршиме и да го пуштиме во употреба и покрај предизвиците и сите недостатоци коишто ни ги оставија. Ние одлучивме да го направиме ова второто, бидејќи ценевме дека тоа е правилниот начин како се постапува со тешко, макотрпно, мачно заработените пари на македонските граѓани коишто тие ги уплаќаат во буџетот. И еве денеска сведочиме една таква градба“,
рече Мицкоски.

Најави дека и понатаму ќе продолжат со развивање на патните инфраструктурни проекти бидејќи, како што кажа, земјава нема излез на море, не изобилува со нафта и гас, но она што е нејзина предност е што е природна раскрсница на два многу важни паневропски коридори.
„Тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10. Годината ја започнавме со пуштање во употреба на еден ваков преубав експресен пат, којшто ги поврзува градовите Куманово и Крива Паланка, односно од местото Чатал преку Длабочица до Крива Паланка или од местото Страцин попознато за оние коишто патуваат кон нашиот источен сосед Бугарија. И сега го пуштаме овој пат преубав од Градско, Дреново- Фариш којшто е дел од Коридорот 10, во суштина отсечката 10-Д. А, за неколку дена од денес, ќе го пуштиме првиот дел од пругата кон Бугарија, којашто треба да го поврзе Куманово со Бељаковце. И ова се три проекта коишто треба да го одбележат почетокот на оваа година, коишто многу лесно можеше да бидат споменици на едно лошо време, коешто сите се трудиме да остане во заборав и коешто лошо време нѐ влечеше назад. Исто така, продолжуваме и со Коридорот 8, изградбата на Коридорот 8. А тоа е автопатот којшто треба да ги поврзе Гостивар со Букојчани, потоа тендерската постапка којашто треба да ја поврзе Букојчани со Кичево. Очекувам дека отсечката од Врбјани до Охрид, можеби со мало исклучување кај месноста Ботун, да биде пуштена на почетокот од оваа туристичка сезона, таму втората половина на мај, првата половина на јуни. А целосно, таа делница да биде затворена до крајот на 2026 година“,
рече Мицкоски.
Министерот за транспорт Александар Николоски го изрази своето задоволство од пуштањето на патот, но, исто така, додаде дека првиот проблем со кој се соочил кога станал министер бил извештајот за состојбата во која се наоѓала изведбата на експресниот пат.
„Ќе ви кажам директно, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат. Изведувачот се подготвуваше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада која година и половина не сакала да потпише два адендуми кои беа договорени со ДЕУ и не сакала да формира Комисија која што ќе ги спроведува. Новата Влада за само месец дена ја формираше Комисијата, истата се формираше на крајот од јули, во тек на август се работеше на содржината на овие два адендуми и на 12 септември проблемите се решија. Од 12 септември до буквално Нова година се работеше, се заврши комплетно и сакам да честитам на сите бидејќи имаме експресен пат“,
рече Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски рече дека постапката за изградба на овој експресен пат почнала во 2012/13 година со проектирање и избор на изведувачи.
„Овој пат или овој Коридор што е дел од коридорот 10-Д е од огромно значење за централна Македонија и југозападна Македонија бидејќи со тоа се поврзуваат Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и со границата со Република Грција. Овој пат ќе овозможи многу побрзо, побезбедно, а исто така и поудобно движење. Ќе го надополниме исто така и со развојот на овој дел од Македонија“,
рече Трајановски.