МВР го поништило првиот конкурс, па распишало втор, за фирмата на ДПМНЕ да ја доуреди документацијата, реагираат од политичката партија Левица. Ресорното министерство ги демантира наводите на Левица
„360 степени“ минатата недела објави дека монополскиот бизнис за полагање возачки испити во Пелагонискиот регион во следните пет години МВР и ја доделило на фирма во сопственост на советник во Општина Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Пролонгирањето на изборот на оператор за возачките испити во Пелагонија бил за Панче Тошковски да го намести бизнисот за свој сопартиец, велат од политичката партија Левица.
Реакцијата следува по сторијата на „360 степени“ дека функционер на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево е сопственик на фирмата што доби лиценца од Министерството за внатрешни работи во следните пет години да биде Испитен центар за полагање за возачка дозвола во Пелагонискиот регион. Друг таков центар нема и не може да има според закон. Газдата Филип Митрески, кој компанијата ја направил пет месеци пред да се пријави на огласот, вели дека неговиот партиски ангажман и добивањето на монополскиот бизнис не треба да се доведуваат во врска.
За Левица, овој случај е само уште еден во низата скандалозни договори во Министерството за внатрешни работи.
„Новиот оператор – ’Супер возач’ Битола, фирма регистрирана во август 2024 година, три месеци пред да се распише првиот оглас, ја доби лиценцата за спроведување на возачки испити. Сопственик на ’Супер возач’ е компанијата ’Стрит Рајд’ Кичево, основана само неколку дена пред тоа. Двете компании се под целосна контрола на Филип Митрески, советник во Советот на Општина Кичево од ДПМНЕ, активен член и апологет на партијата. Стариот оператор, досегашниот испитен центар ’СИЦ АМ’ Битола, кои со години ја извршувал оваа дејност, бил одбиен од МВР без образложение. Иако ’СИЦ АМ’ се пријавил и на првиот и на повторениот конкурс, иако ги исполнувал сите услови, лиценцата не му беше обновена. Наместо тоа, МВР го поништило првиот конкурс, па распишало втор, за фирмата на ДПМНЕ да ја доуреди документацијата. Јасно е дека процесот бил манипулиран за да му се овозможи време на новоформираниот ’Супер возач’ да се подготви и да го добие конкурсот“,
се вели во реакцијата на Левица.
Од Министерството за внатрешни работи, по реацијата на Левица, образложуваат дека „Супер возач“ го добиле испитниот центар за Пелагонија оти конкуренцијата немала договор за полигонот во Ресен.
„Кандидатот за испитен центар ’Сообраќаен испитен центар АМ’’ ДООЕЛ Битола НЕ ПРИЛОЖИЛ важечки договор за користење на сообраќаен автодром (полигон) во Подружница ’Сообраќаен испитен центар АМ – пријавно место Ресен’, кој е еден од основните предуслови за функционирање на испитен центар, како резултат на што НЕ ГИ ИСПОЛНУВА условите за вршење на пропишаната дејност согласно член 244 став 1 алинеа 4 и став 2 алинеа 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и постојните подзаконски акти. Тргнувајќи од законски пропишаните надлежности и одредби, Министерството за внатрешни работи, согласно член 240 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, го избра правното лице Друштво за услуги ’Авто мото испитен центар супер возач’’ ДООЕЛ Битола, кое единствено ги исполнуваше законските услови и кое ќе ги извршува работите на организирање и спроведување на возачките испити на подрачјето на СВР Битола“,
велат од МВР.
Претходно, „360 степени“ во два наврата праша во МВР кои услови конкретно не ги исполнувала фирмата „Сообраќаен испитен центар АМ’’ ДООЕЛ Битола, кога тие во последните десет години ја имаа лиценцата за работа, но Министерството не одговори на нашето прашање.
Кажаа дека лиценцата на претходниот оператор во Пелагонискиот регион истекла на 15 декември 2024 година. Уште кон крајот на ноември истата година е распишан конкурс за избор на фирма што ќе раководи со Испитниот центар, но обидот пропаднал оти според МВР, никој од пријавените не ги исполнувал критериумите. На повторениот конкурс, МВР се одлучиле за „Супер возач“.
Што и да било пресудно останува фактот дека „Супер возач“ успеа да добие милионски бизнис како тазе фирма. Следните 5 години, сите возачки испити во Пелагонискиот регион, полагања и преполагање, ќе одат на нејзина сметка.