Како што брифираат од партијата, со одлука на Извршниот одбор, СДСМ нема да има кандидати во дел општини во западниот дел од земјата и тоа во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Желино, како и во скопските Сарај и Чаир

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на локалните избори во октомври нема да има свои кандидати за градоначалници во неколку општини.
Како што брифираат од партијата, со одлука на Извршниот одбор, СДСМ нема да има кандидати во дел општини во западниот дел од земјата и тоа во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и во Желино.
Без свои кандидати СДСМ ќе биде и во две скопски општини – Сарај и Чаир.
Во сите овие општини, СДСМ ќе има само листи за советници.
Претходно денеска на прес-конференција, претседателот на партија Венко Филипче соопшти 19 кандидати за градоначалници кои добиле согласност од Извршниот одбор да се борат за мандат на локалните избори во октомври.
Филипче во одговор на новинарско прашање за тоа дали во сите општини СДСМ ќе оди со свои кандидати или некаде ќе поддржат кандидати на коалиционите партнери, рече дека за оваа тема се уште немаат донесено конечна одлука, но не ја исклучи можноста.Тој рече дека тоа ќе зависи од разговорите со коалиционите партнери.
Филипче ги објави имињата на кандидати од СДСМ за градоначалници во 19 општини. Меѓу нив петмина се актуелни градоначалници, а 14 се нови имиња.