Денешниот одговор на премиерот доаѓа на новинарско прашање – дали однесувањето на обвинителот го пријавил во соодветните институции за да се покренат постапки за ова
Инаку, од описот на Мицкоски за фотографијата може да се претпостави дека најверојатно мисли на онаа што во 2023 година излезе во јавноста, а на која можеше да се види Ислам Абази во опуштена домашна атмосфера со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно го коментираше јавниот обвинител од чие однесување вчера рече дека е шокиран, кога слушнал за акцијата за сомнителни набавки на деривати. Тој не го спомна негово име, но рече оти очекува новинарите да го стават во насловите на текстовите. Само даде дополнителна асоцијација според која може да се претпостави дека станува збор за шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази.
Дополнителниот опис беше – „на тој што му стоеја на ушка на една слика“.
Денешниот одговор на премиерот доаѓа на новинарско прашање – дали однесувањето на обвинителот го пријавил во соодветните институции за да се покренат постапки за ова.
„Јас сум сигурен дека вие новинарите точно знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенија“,
одговори Мицкоски кој кратко по ова дополни „на тој што му стоеја на ушка на една слика“.
Мицкоски вчера, во одговор на новинарско прашање, рече дека е шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува.
„На нив не им е местото таму, ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна“,
рече вчера премиерот.
Инаку, од описот на Мицкоски за фотографијата, може да се претпостави дека најверојатно мисли на онаа што во 2023 година излезе во јавноста, а на која можеше да се види Ислам Абази во опуштена домашна атмосфера со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети.
Кога Абази стана шеф на ОЈО ГОКК, на првата прес-конференција изјави дека немал лични контакти ниту со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ниту со друг функционер од ДУИ. Но, на социјалните мрежи испливаа фотографии од Абази со високи функционери на интегративците.
Случајот со набавка на мазут е актуелен од понеделникот, кога во координирана акција на ОЈО ГОКК и МВР беа приведени 11 лица меѓу кои и сопствениците на формата „РКМ“ – Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.
Судијата на претходна постапка на Јахоски му определи куќен притвор, а на Капушевски и на уште две други лица – 30-дневен затворски притвор.
По определувањето на мерката куќен притвор, од Судот рекоа дека по произнесувањето на осомничениот Јахоски пред судија на претходна постапка, јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот за определување мерка затворски притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што било прифатено од судијата на претходна постапка. Но, вчера од ОЈО ГОКК, повикувајќи се на решението на судијата, соопштија дека јавниот обвинител барал затворски притвор и дека тоа не било прифатено од Судот.
Незадоволни од судската одлука за Јахоски, од ОЈО ГОКК денеска поднесоа жалба до Основниот кривичен суд Скопје и побараа Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото решение.