Од ОЈО ГОКК бараат Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото решение

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе жалба на решението на Основниот кривичен суд за определување куќен притвор за Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко петрол“.
Од ОЈО ГОКК велат дека жалбата до Кривичниот совет е поднесена во законски утврдениот рок и е поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка.
Од Обвинителството велат дека жалбата е поднесена откако го разгледале решението со кое не се прифатил нивниот предлог за определување на мерка притвор и на осомничениот му беше определена мерка куќен притвор и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа.
„Незадоволно од ваквата одлука, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото решение“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје во вторникот на Асмир Јахоски му определи куќен притвор откако претходно беше спроведен во судот по координираната акција на МВР и ОЈО ГОКК во врска со кривични дела за сомнителни набавки на деривати.
Во образложението на решението, како што додадоа од ОЈО ГОКК во вчерашната реакција, е наведено дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на Обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека тој е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена, за што доставил документација.
Во акцијата освен Јахоски беа приведени уште 10 други лица меѓу кои и Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенти и нафтени деривати. На Капушевски и уште две други лица им беше определен 30-дневен притвор, а за останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решение за определување мерки за претпазливост.
Од Обвинителството по акцијата појаснија дека јавниот обвинител постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР донел наредба за спроведување на истражна постапка против 13 физички и едно правно лице.
Како што соопштија тогаш од Обвинителството, во периодот од 2021 до 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривичноодговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ „Неготино“ поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот, не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривичноодговорното правно лице, а на штета на државниот буџет во вкупен износ од 10 304 324 094 денари или околу 167 549 985 евра.
Во намерата со умисла им помогнале вработени во АД „Електрани на Северна Македонија“ Скопје, кои се наоѓале на високи позиции, од генерален директор и директори на сектори до претседатели и членови на комисии поврзани со јавни набавки.