Министерот вели дека секое мислење од Советот на јавни обвинители е важно за оваа постапка, но потенцира дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган ако, како што вели, се поддржуваат лица кои не го водат својот мандат на професионален начин
Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, тоа не значи дека постапката е завршена, вели во интервју за „МКД.мк“ министерот за правда Игор Филков во врска со поднесениот предлог за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.

Филков вели дека секое мислење од Советот на јавни обвинители е важно за оваа постапка, но потенцира дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган ако, како што вели, се поддржуваат лица кои не го водат својот мандат на професионален начин.
„Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Република Северна Македонија”,
вели Филков во интервјуто за „МКД.мк“.
Предлог-одлуката за разрешување на Коцевски, како што рече министерот, не е донесена лесно, но е неопходна.
Според Филков, државниот јавен обвинител направил сериозни грешки во вршењето на својата функција, а една од поголемите, како што рече, е неговото однесување при именувањето в.д. виш јавен обвинител.
„Ова не само што е правен пропуст, туку и удар врз принципите на транспарентност и правична распределба на должностите. Поставувањето на в.д. виш обвинител, без да се постапи по законски утврдените критериуми, претставува сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството. Тоа не само што ги доведува во прашање правата на вработените, туку и самата ефикасност и независност на институцијата“,
вели Филков.
Во врска со случајот со Коцевски, министерот додава дека постоеле наводи и докази оти неговото управување со Обвинителството довело до влошување на внатрешната атмосфера, што ја нарушува довербата и ефикасноста на работата на обвинителите. Додава оти државниот обвинител постапувал по предмети во кои, согласно законските одредби, постоеле околности кои предизвикуваат сомневање за неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и требало да се изземе.
„Професионалните и етичките стандарди треба да бидат на прво место, и кога тие се загрозени, мора да се интервенира. Затоа, нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална – потребно е да се создаде нова атмосфера на професионализам и почит во институцијата, каде што ќе се обезбеди ефикасност, независност и правда за сите граѓани”,
додава министерот за правда Игор Филков.
Оставката на Коцевски, според него, би била логичен и неопходен чекор за зачувување на интегритетот на правосудниот систем во случај на нарушена доверба или доволно аргументирани причини за негова одговорност.
Министерството за правда, со кое раководи Филков, вчера и официјално достави мислење до Владата за предлог-разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.