Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе
Министерството за правда, постапувајќи по заклучок од владината седница одржана на 11 февруари, доставило мислење до Владата за предлог-разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“,
се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
„Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“,
се додава во соопштението.
Од Министерството за правда посочуваат дека во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието, пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира и секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“,
соопшти на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантираше тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
„Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје“,
изјави Коцевски.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.