Според Законот за јавното обвинителство, државниот обвинител може предвреме да биде разрешен од функцијата ако е член на политичка партија или ако сторил тешка дисциплинска повреда со намера или очигледна небрежност
„Прво, се отвори расправата за последниот индекс за транспарентност, од каде детално може да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство“, рече портпаролката на Владата образложувајќи ги причините за иницијативата
Владата на денешната седница го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, соопшти попладнево на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Таа рече дека разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот што не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби, резултира со нарушена доверба и нефункционирање на правната држава.
Потоа, ги соопшти аргументите поради кои е донесена оваа одлука.
„Прво, се отвори расправата за последниот индекс за транспарентност, од каде детално може да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за јавно обвинителство“,
кажа Митева.
Што вели законот
Прес-конференцијата на Митева е важна затоа што преку неа се навестуваат основите по кои Владата ќе се обиде да го разреши Коцевски. Сепак, правната битка ќе се бие врз основа на образложението на Министерството за правда во предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, но и Законот за јавното обвинителство.
Согласно важечката законска регулатива, државниот јавен обвинител може предвреме да се разреши:
– поради тешка дисциплинска повреда од членот 91 алинеи од 1 до 6 од овој закон ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици или
– ако е член во политичка партија;
пропишува член 88, во став 2, од Законот за јавното обвинителство.
Митева не спомена дека Коцевски е член на политичка партија, па веројатно Владата ќе го напаѓа дека сторил тешка дисциплинска повреда. Но, не е Владата таа што утврдува дисциплинска повреда од обвинител. Според домашното законодавство, одговорност на јавен обвинител или член на Советот на јавни обвинители утврдува Советот на јавни обвинители, во пропишана постапка. Сепак, треба да се додаде дека ниту во Законот за јавното обвинителство, ниту во Законот за Советот на јавни обвинители, не е опишана посебна постапка – како се утврдува дисциплинска одговорност или „тешка дисциплинска повреда“ на државниот јавен обвинител.
Понатаму, од изјавата на владината портпаролка може да се претпостави дека основата за тешка дисциплинска повреда Владата ја гледа во вчерашниот избор на, како што велат од „Илинденска“ 2, в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Вордингот на извршната власт е како Коцевски да го извршил изборот, но фактите говорат дека раководител на Вишото јавно обвинителство во Скопје е назначен од Советот на јавни обвинители, како колективно тело, поради тоа што се суспендирани и шефот и заменик-шефот на Вишото обвинителство Скопје.
„Се отвори дискусија и се утврди потребата од определување на јавен обвинител кој ќе раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје за време додека трае оддалечување од вршење на функцијата на Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи. Советот едногласно одлучи јавниот обвинител во ВЈО Скопје, Наташа Крстевска Цалева, да раководи со работата на Вишото јавно обвинителство Скопје во наведениот период“,
пишува во вчерашното соопштение на Советот на јавни обвинители.
Коцевски: Не е избран в.д. шеф туку привремен раководител
Самиот Коцевски доцна попладнево реагираше дека воопшто не е избран вршител на должност, како што вели Владата. Избран е раководител – нешто што се случувало и во минатото.
„Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје. Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа ве верувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес“,
изјави вечерва Љупчо Коцевски.
Законот за јавно обвинителство пропишува дека има неколку „патишта“ по кои може да се отпочне процедура за предвремено разрешување на државниот јавен обвинител. Освен што треба да постои тешка дисциплинска повреда или членство во партија, сите модуси за разрешување предвидуваат дека и Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за таква иницијатива.
Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење по владина иницијатива за разрешување. При избор на државен јавен обвинител, Владата може да избере кого ќе предложи до Собранието само од оние кандидати пријавени на конкурсот за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.

Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред точно една година, односно на 13 февруари 2024 година. Претходно на ова место беше Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември 2023 година.