„Во однос на изградбата на автопатот Охрид – Кичево има бројни проблеми. Ние ги детектираме во моментов. Дел се поврзани со експропријација, со проектирање на косини, со објекти коишто се на самата траса, пред се бензински пумпи коишто треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Она што можам да кажам е дека како ќе правиме, ќе правиме, но ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, ќе го реализираме“, вели министерот

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека до крајот на 2026 година автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен и функционален и покрај тоа што има бројни проблеми.
Николоски денеска, при неговата посета на Градежниот факултет во Скопје, рече дека ќе има откочување на работата на овој автопат, но најави и почеток на градба на автопатот од Кичево до Букојчани.
Неговите очекувања, како што рече во изјава за медиумите, се во скоро време да биде завршен и патот од Прилеп до Градско, како и сериозно да се посветат на реализација на автопатските делници од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани и од Прилеп до Битола.
„Во однос на изградбата на автопатот Охрид – Кичево има бројни проблеми. Ние ги детектираме во моментов. Дел се поврзани со експропријација, дел се поврзани со проектирање на косини, дел се поврзани со објекти коишто се на самата траса, пред се бензински пумпи коишто треба да се дислоцираат, а се на самата траса. Она што можам да кажам е дека како ќе правиме, ќе правиме, но ветувањето што го дадовме дека до крајот на 2026 година ќе има функционален автопат, ќе го реализираме“,
рече Николоски.
Според деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски, наравоучение од она што се случува со автопатот Охрид-Кичево е тоа дека проектирањето на вакви сериозни инфраструктурни проекти особено линиски инфраструктурни проекти заслужува многу поголемо внимание и подолг период на проектирање.
„Таму има многу елементи што се специфични од различни аспекти, меѓутоа генерален заклучок што може да се извлече е дека проектирањето е многу важна фаза во целокупната изградба на вакви капитални инвестиции. Проектот има долга историја. Работен е во едно друго време. Почнат е да се проектира во минатиот милениум, во 1999 година, со некои други сфаќања и други правила во решавање на одредени технички проблеми. Кога денес би се проектирал овој автопат сигурно би се пристапило поинаку и би се нашле поинакви решенија за одредени проблеми кои сега се јавуваат“,
рече Марковски.
Николовски најави реализација на големи инфраструктурни проекти и како што рече негова заложба ќе биде да се ангажираат домашни компании.
„Дефинитивно моја заложба број еден, ќе биде и да работат домашни компании, да се вработуваат луѓе од државата и средствата што Македонија ги инвестира во инфраструктура да остануваат во Македонија, но, уште повеќе знаењето да останува и да се надградува затоа што реализацијата на секој проект, особено на големите значи знаење и искуство плус. Факт е дека во последните години, за жал, Македонија во тој дел заостанува и мора да направиме големи чекори во периодот што следува“,
рече Николоски.
Во делот на железницата рече дека првиот приоритет што треба да се развива заедно со Македонски железници е Коридорот 10.
Николоски денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека веќе се работи на план за реструктуирање на постојните долгови и на постигнување профитабилност на „Македонска пошта“ и во „Македонски железници – инфраструтура“ и „Македонски железници – транспорт“ и оти проблемот со платите на вработените ќе биде надминат.
Тој објасни дека со оглед на тоа што две од овие претпријатија се акционерски друштва и финансирањето за нив не оди од буџет туку од приходите кои што ги остваруваат.
„Тука работиме на целосен план за реструктуирање на двете друштва кој што треба да им овозможи профитабилност од една страна, а од друга страна тоа што го правиме во моментов е реструктуирање на постојните долгови кои што ги имаат со цел да вработените земаат редовно плата“,
рече Николоски.
За „МЖ – Инфраструктура“, Николовски вели дека има можност да се интервенира од буџетот и тоа ќе се направи со оглед дека станува збор за претпријатие во држава сопственост.
Тој укажа и на задолженоста на „Македонска пошта“ и на „МЖ – транспорт“, која според него е недозволива и треба да се истражи од надлежните органи – МВР и Обвинителството.