Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити
Доскорешниот потпретседател на СДСМ и пратеник во новиот собраниски состав, Фатмир Битиќи во подолга објава на социјалните мрежи вели дека нема да се кандидира за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, иако, како што пишува, знае дека тоа го очекуваат многу од неговите сопартијци, пријатели и симпатизери на партијата.

Причината за ваквата негова одлука, наведува Битиќи, е за да ја спречи понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членството на партијата. Најавува и фракционерско или дејствување како група во рамките на СДСМ, сè додека, како што наведува, кандидатот што ќе биде избран за претседател на партијата на дело не ги покаже сите оние вредности за кои тие се залагаат.
Инаку, вчера своите кандидатури за претседател на СДСМ официјално ги поднесоа ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Во објавата на Фејсбук насловена „Може и поинаку“, Битиќи вели дека тоа што во последните три години ја извршувал функцијата потпретседател на СДСМ не го фаворизира, ниту го прави посоодветен од кој било член и членка на партијата за функцијата претседател.
За потсетување, тој и Перо Костадинов, кој исто така беше потпретседател на СДСМ, си поднесоа оставки од партиските функции речиси веднаш по објавувањето на резултатите од изборите на 8 мај, на кои нивната партија доживеа тежок пораз.
Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити.
„Дел од нашите сопартијци веќе излегоа со свои кандидатури и тоа е нивно право – сметам дека секој(а) што ги споделува социјалдемократските вредности, бил(а) активно вклучен(а) во претходните изборни процеси со цел победа на СДСМ и е со желба за обединување и вредносно возобновување на партијата во периодот што следи, заслужува да ја добие мојата и поддршката на сите наши членови. Во исто време, дел од членовите веќе заземаат страни и даваат поддршка за своите фаворити на начин кој, според мене, не е најдобриот ако најважната цел во овој период ни е зачувување на единството и достоинството во СДСМ. Сега ни треба отчетност, интегритет, транспарентност и фер во изборите што претстојат – а со почитување на истите ќе покажеме дека државотворноста на Социјалдемократскиот сојуз не е само на хартија“,
пишува Битиќи.
Тој за себе вели дека не е најсилната алка ниту во СДСМ ниту во нашето општество, но е еден од тие кои сметаат дека СДСМ за скоро време може да се врати на победничките патеки.
Инаку, тој во објавата со големи букви ги користи заменката за прво лице множина – „ние“, како и прилогот „поинаку“ и придавката „поинаков“, изведена од прилогот.
„Ние сме тие кои веруваат дека можеме поинаку да ги прифатиме методите на разбирање, соработка и заемно почитување на различностите. Ние сме тие кои бараат поинаков пат до единство и дијалог, кои сметаат дека потребно е ново лидерство кое на поинаков начин ќе се усогласи со социјалдемократските вредности. Ние сме тие кои веруваме во општество каде сите сме еднакви, ние сме тие кои веруваме во искрен дијалог и солидарност со синдикатите/работниците, ние сме тие кои веруваме во социјална кохезија… Ние сме и Македонци и Албанци и Роми и Црногорци и Власи и Турци и Срби и Еѓипјани и многу други и многу различни етникуми во нашата Македонија“,
вели Битиќи.

Во рамките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, вели дека „ние“ ќе функционираме можеби како фракција, можеби како група, но сигурно како дел од СДСМ кој нема да отиде на друго место.
„Секако, сè додека оној/онаа што биде избран/а за претседател/ка ќе ги покаже на дело сите оние вредности за коишто ние се залагаме. А да бидеме јасни: ние веќе не прифаќаме компромиси со темелните социјалдемократски вредности – доволно тоа се направи во изминатите две, а и повеќе години. Веќе немаме простор, а ниту ни време за импровизации со идеологијата која ја носиме во себе“,
наведува тој.
Одлуката дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, Битиќи јасно ја соопшти на крајот од објавата, како и причините за тоа, односно за да спречи „понатамошна фрагментација и поларизација меѓу нашето членство“.
„Но мојата политичка мисија се протега надвор од партиските функции и поделбите, таа ја нагласува соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање, што единствено може да се постигне поинаку, со враќање на социјалдемократските вредности. Тоа е сосема поинаку од досегашните политички навики на однесување кон државата, па и кон партијата. Очекувам и верувам дека идеологијата и вредностите ќе ја направат разликата и промената првин во СДСМ, а потоа и во државата“,
подвлекува Битиќи.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до денеска. Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите, меѓу кои, да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.
Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски, кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела, на 9 јуни, социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.