Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека тој на вчерашните митинзи на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“ во Сарај и Чучер Сандево јасно ги повикал сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од нив, Стево Пендаровски
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски, ги отфрли како неточни тврдењата на неговиот политички опонент од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека СДСМ и ДУИ подготвуваат сценарија за бојкот на вториот круг од претседателските избори на 8 мај.

Имено, Мицкоски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, одржан вчеравечер во Кичево во рамките на карванот за парламентарните избори, повика на масовна излезеност на изборите на 8 мај бидејќи, како што кажа, тоа е одговорот на црните сценарија што ги подготвува власта за да се спаси од изборниот пораз што го навести убедливата победа на нивната кандидатка за шеф на државата Гордана Силјановска-Давкова во првиот круг од претседателските избори на 24 април.
Излезот, како што посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, власта во гледа го две сценарија – бојкот на изборите и великодушни понуди кон ДУИ за заемна поддршка на изборите.
„И двете сценарија им се за тоа како ДУИ и СДСМ да извлечат некаква полза од сето тоа за сметка на пропаста и назадувањето на Македонија. Тоа нема да го дозволам. И затоа заедно со вас ќе извојуваме конечна победа, историска победа на 8 мај. Масовна излезеност против бојкот, обединување против овие две сценарија“,
рече вчера Мицкоски во Кичево.
Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со претставници на Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, рече дека и тој на вчерашните митинзи на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“ во Сарај и Чучер Сандево јасно ги повикал сите гласачи масовно да излезат на изборите на 8 мај и да го поддржат актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата поддржан од нив, Стево Пендаровски.
„Значи, без исклучок, да имаме масовен одзив, да избереме и претседател (на државата) и парламентарен состав и Македонија да продолжи по својот пат на европските интеграции“,
рече денеска Ковачевски.
Прашан од кои претседателски кандидати што не влегоа во вториот круг очекува поддршка на 8 мај, лидерот на СДСМ се повика на изјавата на Пендаровски дадена доцна вечерта по првиот круг од претседателските избори каде што освои 182 000 гласа помалку од неговата противкандидатка Гордана Силјановска-Давкова.

Лидерот на СДСМ рече дека очекува многу поголема поддршка за Пендаровски во вториот круг од претседателските избори.
„Ја слушнавте изјавата на претседателот Пендаровски. Прво, никој ги нема гласачите под своја контрола да ги чува некаде, па да може да ги наведува како ќе гласаат. Претседателот Пендаровски е граѓански кандидат којшто се залага за една држава којашто е прогресивна, којашто треба да биде членка на Европската Унија, којшто ги поддржува стратешките одлуки и правци на државата и затоа очекуваме многу поголема поддршка во вториот круг. Ние ја примивме пораката во првиот круг на претседателските избори за сите грешки коишто беа направени во изминатите седум години. Седум години не е мал период на водење на влада, но очекуваме со разговор со граѓаните во сите градови, во сите села во државата, да ја добиеме поддршката во вториот круг за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“,
изјави Ковачевски.

На дополнително прашање дали тоа значи дека нема да се сретне со партиите од албанскиот политички блок и дали можеби веќе разговара со некого, Ковачевски повтори дека Пендаровски е граѓански кандидат кој ја има поддршката и на „Коалицијата за европска иднина“.
„Тој (Пендаровски) јасно кажа на неговата прес-конференција дека ќе ја бара поддршката од граѓаните, а не од кандидатите коишто не се пласирале во вториот круг. Во однос на разговори со политичките партии нормално е претседател на политичка партија како што е Социјалдемократскиот сојуз да имаме разговори со политичките партии на различни нивоа, вклучително и јас имам разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезеност на изборите на 8 мај и да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна, европска иднина на државата и да избереме парламент којшто ќе носи храбри одлуки за државата за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“,
рече лидерот на СДСМ.