Постапувањето во конкретниот случај, како што додаваат од АВМУ, се заснова на доставена документација, како и на информации и податоци добиени од надлежни институции во земјава и од релевантни странски субјекти. Сметаат дека доколку ММА и од МРТ располагаат со наводни докази за незаконско постапување на Агенцијата, треба да ги достават до надлежните институции
Според ММА и од МРТ, новите телевизиски сервиси се креирани од српски, блиски до државата, компании со чие работење се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони
Неточни и неосновани се наводите на Македонската медиумска асоцијација (ММА) и јавниот сервис МРТ дека спортските канали Aрена M1, M2 и M3 премиум работат незаконски во државата и дека се погрешно третирани како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Северна Македонија.
Ова е денешната реакција на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) откако националните радиодифузери членки на ММА и јавниот сервис МРТ излегоа со заедничко соопштение во кое наведоа индиции дека неколку телевизиски сервиси работат незаконски во државата, а дека регулаторот на „волшебен начин“ го дозволува тоа.

Дополнително, оттаму ги отфрлаат наводите дека Агенцијата со своето постапување овозможува заобиколување на законските обврски или дека постои каква било незаконитост во конкретниот случај.
Од АВМУ велат дека постапуваат исклучиво во рамките на своите законски надлежности, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Постапувањето во конкретниот случај, како што додаваат, се заснова на доставена документација, како и на информации и податоци добиени од надлежни институции во земјава и од релевантни странски субјекти.
„Врз основа на расположливата документација и добиените информации, предметните програмски сервиси се третираат како странски програмски сервиси кои се реемитуваат, а не како домашни телевизиски сервиси што емитуваат програма на територијата на државата, имајќи предвид дека нивниот изворен сигнал не се емитува на територијата на Република Северна Македонија“,
се вели во соопштението од АВМУ.
Сметаат дека доколку ММА и од МРТ располагаат со наводни докази за незаконско постапување на Агенцијата, треба да ги достават до надлежните институции.
„Во меѓувреме, посочуваме дека е недозволиво исклучиво поради сопствени интереси да се шират неосновани квалификации и инсинуации кои создаваат впечаток за незаконско или произволно постапување на регулаторот“,
додаваат од Агенцијата.
Според ММА и од МРТ, новите телевизиски сервиси се креирани од српски, блиски до државата, компании со чие работење се заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.
„ММА и МРТ имаат материјални докази дека спортските канали Арена M1, M2 и M3 премиум подолг период работат без домашна дозвола, а нашиот регулатор АВМУ на волшебен начин ги третира како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Македонија, иако продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат тука, а програмата се емитува на македонски јазик“,
се вели во соопштението.
Дополнително, велат од ММА и од јавниот сервис, во евиденцијата на српскиот Регулатор за електронски медиуми (РЕМ), каналите Арена М1, М2 и М3 премиум не постојат, што значи не се домицилни, српски канали.
Истовремено, пак, во операторските евиденции од АВМУ, овие канали се водат како странски сервиси кои емитуваат програма на српски јазик.
Оттаму додаваат дека нема да дозволат истиот модел на евентуално изигрување на законот да биде применет и за најавениот Еуроњуз Македонија, односно и тој да биде третиран како странски сервис, како што е тоа случај со каналите Арена премиум. Според членките на ММА и јавниот сервис, такви најави има од сопствениците на каналите и, како што велат, од структури од Белград.
Поради ова, од ММА и МРТ бараат истражните органи, како други референтни институции да утврдат дали со ваквото постапување е заобиколена законската обврска за дозвола, дали е причинета штета на буџетот со неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, одговорните лица на ТВ-сервисите, како и кај службениците на АВМУ.
