Премиерот вели дека сè она што е надвор од билатералните услови, алудирајќи притоа на барањето на Софија за уставни измени за внесување на Бугарите, земјава ќе го исполни во целост, додавајќи оти досега во реформите сме се покажале како најдобри
Европската комесарка за проширување Марта Кос на Конференцијата на хрватските амбасадори, што неделава се одржа во Загреб, рече дека проширувањето не значи поголема ЕУ, туку посилна ЕУ
Нема нови критериуми кога станува збор за пристапувањето на земјите кандидатки кон Европската Унија (ЕУ), сега засега, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар во врска со неодамнешната изјава на еврокомесарката Марта Кос околу реформите што се планираат во Унијата во однос на проширувањето.

Според Мицкоски, останува да се види што ќе се случува понатаму, наведувајќи дека има, како што рече, неколку предизвици што стојат не само пред нас како држава, туку и во самата Европска Унија.
Премиерот оценува дека изјавата на еврокомесарката за проширување е дадена во поинаква конотација и таа не се однесува на Македонија како држава. Тој вели дека она што е надвор од билатералните услови, алудирајќи притоа на барањето на Софија за уставни измени за внесување на Бугарите, земјава ќе го исполни во целост и оти досега во реформите сме се покажале како најдобри.
„Ние имаме целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со Европската Унија, имаме апсолутно целосна доверба во рамките на Европската Унија, работиме на Реформската агенда, во декемврискиот извештај бевме најдобри, истото го очекувам и во извештајот за јуни. Продолжуваме во таа насока и во периодот којшто следи. Така што, тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри и сме најдобри“,
изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по денешниот настан во Владата, на кој беше потпишан Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Србија.

Европската комесарка за проширување Марта Кос на Конференцијата на хрватските амбасадори, што неделава се одржа во Загреб, рече дека проширувањето не значи поголема ЕУ, туку посилна ЕУ.
Таа, претставувајќи го предлогот на Европската комисија за реформа на проширувањето на Унијата, изнесе дел од планираните чекори за постепена интеграција, построга проверка на кандидатите и нова методологија, притоа наведувајќи дека светот е променет, а со тоа мора да се менува и самиот процес на проширување на Унијата.
„Се работи за создавање Европа способна да ги осигури сопствените интереси, соочена со сè поголемата конкуренција од другите глобални сили. Во тоа можеме да бидеме успешни само доколку го стабилизираме нашиот континент и во ЕУ ги вклучиме оние земји кандидатки кои ги исполнуваат своите обврски. Бидејќи ниту една европска земја не би можела сама. Проширувањето е геополитички стабилизатор на Европа“,
рече таа.
Кос најави дека Европската комисија во септември ќе ги претстави своите идеи за тоа како Европската Унија мора да се подготви додека земјите кандидатки се приближуваат до завршната линија од пристапните преговори.
Според неа, ЕУ мора да се справи со четири прашања за да се дојде до консензус на највисоко ниво и да им се „посака добредојде“ на новите држави членки. Влијанието што новите членки можат да го имаат врз Унијата, внатрешните реформи што ѝ се потребни на ЕУ за да остане агилна со поголем број земји членки, засилувањето што секоја нова членка треба да ѝ го донесе на Унијата – во политички, економски и безбедносен поглед и проширување кое може да одговори на денешната реалност, се четирите елементи што ги наведе еврокомесарката во однос на процесот на прием на нови земји членки.

„Потребен ни е докажан успех во спроведувањето на реформите и обврските преземени со пристапниот процес. Мораме да се погрижиме да не пуштиме тројански коњи внатре. Ниту денес, ниту за 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека може да бидат потребни посилни заштитни мерки за да се спречат, а доколку е потребно, и да се исправат кршењата на основните начела и вредности на нашата Унија“,
рече Кос во Загреб.
Таа на крајот од своето обраќање рече дека не може да се чека на денот на пристапувањето за да почне Унијата да ги поврзува своите идни членки со системите од кои зависи ЕУ и нејзините држави членки.
„Светот се промени. И проширувањето мора да се промени со него. Ако изградиме консензус околу овие четири елементи, можеме повторно да го направиме проширувањето успешен инструмент на европската моќ“,
наведе Кос.
