„Оваа коалиција се формира за јасно да кажеме дека нема да поддржиме ниту уставни промени, ниту притисоци, ниту уцени – ниту пред, ниту по избори и остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми што вештачки се наметнуваат од страна на нашите партнери“, изјави денеска Јакимовски, кој минатата недела се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција
Лидерот на ГРОМ и кандидата за претседател на државата, Стевчо Јакимовски, денеска ја официјализира коалицијата со која ќе ја бара поддршката на граѓаните на претстојните парламентарни избори закажани за 8 мај.

Коалицијата го носи името „Храбро за Македонија“ и во неа ќе партиципираат и заеднички ќе дејствуваат ГРОМ, Интегра и Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР).
Потписите на договорот за заеднички изборен настап денеска ги ставија лидерите трите политички субјекта – Стевчо Јакимовски, Љупчо Ристовски од Интегра и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимоски.
Целта на коалицијата, како што изјави Јакимовски по настанот, е да им се спротивстави на двете главни политички струи во земјата, кои ги оцени како несоодветни и јасно ќе каже „не“ за уставните измени и за сите притисоци и уцени.
„Коалицијата ‘Храбро за Македонија’ се формира со цел да се спротивстави на двете несоодветни политики во Република Македонија, како на овие што се внатре така и на оние што постојано вршат притисок, пред сè на политиката што е спремна сè да предаде само да остане на власт, но во исто време и на политиката што исто така е спремна да предаде, но тоа да биде после изборите и ако може да биде со одложено дејство. Оваа коалиција се формира за јасно да кажеме дека нема да поддржиме ниту уставни промени, ниту притисоци, ниту уцени – ниту пред, ниту по избори и остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми што вештачки се наметнуваат од страна на нашите партнери“,
изјави Јакимовски.
Прашан дали може да се очекува проширување на коалицијата со други партии, евентуално со Нова алтернатива на чие чело од неодамна е актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, Јакимовски рече дека досега не разговарале со други, но додаде дека се отворени за соработка доколку има усогласување на програмските ставови.
Во врска со коалицирањето по изборите, Јакимовски кажа дека нивниот главен услов ќе биде непромена на Уставот и реформи во образованието и здравството, воспоставување квалитетна економска политика и подигање на нивото социјална заштита.
„Но во исто време услов за нашето коалицирање е и ќе биде реформа на државната и на јавната администрација. Секој да работи таму каде што треба и никој да не смее да се седи дома, а да зема плата“,
додаде Јакимовски.
Лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, изјави дека како коалиција имаат големи амбиции и дека ќе бидат многу иновативни во понудата.
„Очекуваме народот да нè препознае, да ни ја даде довербата, да поддржи вакво коалициска форматирање во новиот ‘трет пат’ и едноставно да го прекинеме тој тренд на назадување на македонското во татковината Македонија сиве овие 32 години“,
рече Ристовски.

Фокусот на третиот партнер во коалицијата „Храбро за Македонија“, партијата ПЦЕР, како што изјави нејзиниот лидер Самка Ибраимоски, ќе биде доследното почитување на Законот за извршување.
„Сега владее едно беззаконие на олигарсите и на извршителите и сметам дека оваа коалиција ќе даде поттик она што е донесено во законодавниот дом, што е потпишано од претседателот на државата, што е објавено во ‘Службен весник’ – да се почитува“,
рече Ибраимоски.
Прашан за проблемите со кои се соочува ромската заедница, чии припадници често се жалат дека се оставени на маргините на општеството, Ибраимски изјави дека добро знаат што треба да се направи за Ромите и дека ќе понудат решенија во нивната програма, чија изработка, како што кажа, е во тек.
„Имаме многу што да ставиме во програмата и граѓаните ќе имаат можност да видат и да одберат она што е најдобро за ромската заедница и за сите граѓани во Македонија. Ги повикувам сите – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби да гласаат за оваа коалиција бидејќи оваа коалиција е излез за враќање на довербата на граѓаните во Македонија“,
порача Ибраимоски.
Инаку, актуелниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, освен како кандидат за претседател на државата, се најде во фокусот на јавноста откако минатата недела американскиот Стејт департмент го стави на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.
Јакимовски обвини дека станува збор за директно мешање во изборите и дека на непопуларната листа се нашол поради луѓе за кои рече дека се продолжена рака на странски разузнавачки служби, но кои се тие не сакаше да открие.
Тој поднесе и кривична пријава против непознат сторител два дена откако се најде на „црната листа“.