Од ВМРО-ДПМНЕ дадоа образложение за сите имиња што ги спомнува СДСМ и велат дека во најголем дел тие се вработиле на нивните работни места пред речиси десет години, но дека има и такви кои се избркани поради промената на власта во 2017 година
Откако вчера Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) објави дека градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, вработувал роднини, пријатели, фамилијарни и блиски членови на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе државни институции во тој регион, денеска од охридскиот општински комитет на партијата ВМРО-ДПМНЕ велат дека објавените информации за наводен непотизам се неточни.

Од ВМРО-ДПМНЕ дадоа образложение за сите имиња што ги спомнува СДСМ и велат дека во најголем дел тие се вработиле на нивните работни места пред речиси десет години, но дека има и такви кои се избркани поради промената на власта во 2017 година.
„СДС како кумови на непотизмот немаат право да зборуваат за тоа, зашто нивните огромни дрва со вработени се толку испреплетени што човек не знае од каде да почне. Ова е целосната вистина: Билјана Аврамоска, вработена во време на СДС и преземена од средно училиште во Скопје од страна на директор поставен од СДС во Охрид како дефицитарен кадар електроинженер хардвер и електроника. Споменатиот роднина Китески е Китевски и воопшто не е прв братучед на секретарот Китески. Елена Китеска со промена на власта е избркана од работа по налог на Жаклина Лазаревска, во 9-тиот месец од бременоста и како и сите останати кои беа избркани во 2017 година со промена на власта во 2022 година се враќани постепени на работни места во образованието“,
се вели со соопштението од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Оттаму велат дека многу имиња им биле погрешно кажани на СДСМ, односно дека биле погрешно информирани
„Кристина Блажевска е вработена на конкурс објавен во јуни 2021 година од директорот Грданоски, кадар на СДС во време на нивната локална самоуправа. Ана Србиноска, пријавена на конкурс за 11 работни места, на кој за нејзиното работно место нема други пријавени и е единствен кандидат кој исполнува услови. Тео Андоновски е вработен во 2013 година во ЈП „Билјанини извори“ и е долги години во структурите на партијата. Кирил Илоски и Катерина Илоска се вработени уште од 2013 година. Саше Најдески, претседател на статутарна правна комисија од 2017 година во ВМРО-ДПМНЕ и застапник на партијата во ОИК и ДИК и како кадар на партијата станува директор на ЈП „Охридски комуналец“. Оливера Попоска, Ангела Арнаудоска и сопругата на секретарот Трифуноски се правилно со сите законски процедури избрани за своите работни позиции. Илија Арнаудовски ниту бил, ниту е претседател на каква било заедница, а ниту пак Месен комитет во Велгошти. Душко Устијаноски, како што е правилно не е шеф, туку шофер на камион за подигање смет“,
соопштија од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Оттаму посочија дека во наредните денови јавноста ќе ја запознаат со пајажините и стеблата на СДСМ во Охрид, но не само на вработување туку, како што велат, и на доделување фотоволтаична централа од Ковачевски на својата сопруга.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вчера објави список со вработени во установи во Охридскиот Регион, за кои рече дека се блиски роднини и пријатели на градоначалникот Пецаков.
Како што посочи таа, во ВМРО-ДПМНЕ ништо не било променето, а секој глас, според неа, за ДПМНЕ е глас за враќање назад, за вдомување партиски кадри и роднини и пријатели на избраните функционери на партијата.