Нетанјаху рече дека операцијата во јужниот град нема да трае повеќе од два месеца, но не даде конкретни детали за временската рамка. Тој ги негираше и тврдењата на Бајден дека тој повредува повеќе отколку што му помага на Израел во неуспехот да ги ограничи цивилните жртви во Газа
И покрај предупредувањата на американскиот претседател Џо Бајден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе продолжи со воената офанзива во Рафах, каде што се засолнети 1,5 милиони раселени Палестинци, пренесува Си-ен-ен. Оваа порака на израелскиот лидер доаѓа во време кога за муслиманите почнува светиот месец Рамазан, но и кога преговорите за прекин на огнот се стопирани. Израелските власти претходно предупредија дека доколку заложниците држени во Газа не бидат дома до почетокот на Рамазан, тие ќе започнат воена офанзива во Рафах.

Нетанјаху рече дека операцијата во јужниот град нема да трае повеќе од два месеца, но не даде конкретни детали за временската рамка. Тој ги негираше и тврдењата на Бајден дека тој повредува повеќе отколку што му помага на Израел во неуспехот да ги ограничи цивилните жртви во Газа.
Нетанјаху вчеравечер во интервју за „Политико“ рече дека Бајден греши ако смета дека тој води приватна политика против мнозинството Израелци и дека тоа им штети на интересите на Израел.
Бајден рече дека потенцијалната инвазија на Рафах, како последно место на релативна безбедност во Газа, е црвена линија за него, но посочи и дека никогаш нема да го напушти Израел.
„Одбраната на Израел сè уште е критична, така што нема црвена линија. Ќе го прекинам протокот на моето оружје за да ја немаат ни ’Железната купола’ за да ги заштити“,
рече тој.
„Железната купола“ е противракетен штит кој служи за одбрана од ракети, артилериски и минофрлачки проектили што е развиен за заштита на израелските градови и територија.
Шефот за помош на Обединетите нации предупредува дека копнената инвазија во Рафах би можела да доведе до катастрофални последици и голем број жртви.
Американскиот претседател Џо Бајден, пак, оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа повеќе му штети отколку што му помага на Израел, додека нетрпеливоста на американскиот лидер кон израелскиот премиер станува сѐ повидлива.
„Нетанјаху има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, рече Бајден, но додаде дека мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија.
Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафах додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивилите од последната област на Газа што сè уште не ја нападнале копнените сили.
„Постојат и други начини да се справиме, да дојдеме до, да се справиме со… траумата предизвикана од Хамас“,
рече Бајден.
Газа се соочува со немилосрдно израелско бомбардирање откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што според официјалните податоци загинаа 1 160 луѓе, повеќето цивили.
Хамас зароби околу 250 заложници, од кои 99, според Израел, сѐ уште се живи во Газа.
Во израелската одмаздничка операција во Газа под контрола на Хамас загинаа повеќе од 30 800 луѓе, главно жени и деца, според Министерството за здравство на територијата.