Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафах додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивилите од последната област на Газа што сè уште не ја нападнале копнените сили
Американскиот претседател Џо Бајден, во интервју емитувано вчера, оцени дека пристапот на Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа „повеќе му штети отколку што му помага на Израел“, додека нетрпеливоста на американскиот лидер кон израелскиот премиер станува сѐ повидлива.
Нетанјаху „има право да го брани Израел, право да продолжи да го прогонува Хамас“, рече Бајден, но додаде дека мора да посвети повеќе внимание на невините животи кои се изгубени како резултат на преземените дејствија.
„Според мое мислење, тој му прави повеќе штета отколку корист на Израел… тоа е спротивно на она за што се залага Израел. И мислам дека тоа е голема грешка“,
рече тој во интервју за МСНБЦ.
Тој додаде дека Израел ја губи поддршката во целиот свет.
Бајден и неговите помошници силно го повикуваат Нетанјаху да не се впушта во голема офанзива во Рафах додека Израел не развие план за масовна евакуација на цивилите од последната област на Газа што сè уште не ја нападнале копнените сили.
„Постојат и други начини да се справиме, да дојдеме до, да се справиме со… траумата предизвикана од Хамас“,
рече Бајден.
Со растечката хуманитарна криза во Газа и притисокот од левото крило во Демократската партија на Бајден, американскиот претседател контрадикторно се изјасни во однос на она што тој го гледа како „црвена линија“ во израелската офанзива во Газа.
Што се однесува до потенцијалната инвазија на Израел на Рафах, сега дом на 1,5 милиони од 2,4 милиони жители на територијата, Бајден е нејасен.
„Тоа е црвена линија. Никогаш нема да го напуштам Израел. Одбраната на Израел останува клучна. Нема црвена линија (каде) сакам да го отсечам целото оружје за да немаат железна купола (систем за противвоздушна одбрана) за да го заштитат“.
Потоа уште еднаш рече дека всушност постојат „црвени линии“.
„Не можете да имате уште 30 000 мртви Палестинци“,
изјави Бајден.
Газа се соочува со немилосрдно израелско бомбардирање откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што според официјалните податоци загинаа 1 160 луѓе, повеќето цивили.
Хамас зароби околу 250 заложници, од кои 99, според Израел, сѐ уште се живи во Газа.
Во израелската одмаздничка операција во Газа под контрола на Хамас загинаа повеќе од 30 800 луѓе, главно жени и деца, според Министерството за здравство на територијата.
„Сакам да видам прекин на огнот, почнувајќи со голема, голема размена на затвореници, во период од шест недели. Влегуваме во Рамазан, ништо не треба да се случи и треба да продолжиме да го надградуваме тој прекин на огнот“,
рече Бајден во интервјуто.
Бајден избегна да одговори на прашањето за можноста за уште едно патување во Израел, кој го посети во октомври веднаш по смртоносниот напад на Хамас, кога им се обрати на пратениците.
Запрашан дали тоа е нешто што ќе го направи повторно, Бајден рече дека ќе го направи, но одби да каже дали бил поканет.